Идејата за социјален леб промовира сегрегација

by fokus

Претседателот на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ вчера како решение за пониска цена на лебот понуди таканаречен социјален леб, односно производство на леб, кој би одговорил на потребите на социјалните категории на граѓани. Истиот би бил со помала грамажа и пониска цена.

Треба да се изнајде еден леб со одредена грамажа кој ќе биде социјална категорија, ќе биде месечен, во хартија, за да се запази тој социјален аспект за населението, да има најефтин леб на пазарот, а да се ослободат другите лебови за да можат компаниите да функционираат, предложи Малишиќ.

Но, колку оваа идеја може да предизвика поделби меѓу граѓаните врз основа на финансиската состојба? Претседателката на Македонската платформа против сиромаштијата, Билјана Дуковска вели дека нашата држава е конституирана со цел на своите граѓани да им обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, а тоа не се постигнува со изјави и ставови кои промовираат сегрегација, а уште помалку со етикетирање и покажување со прст кон немоќните и сиромашните.

 

Идејата за промоција на нов тип „социјален леб“ ја верификува класната поделба меѓу граѓаните како легитимна, со тоа отворајќи врата да следат и други „социјални“ производи наменети за „подолната класа“, сето ова иронично кажано. Со години се протнува тезата дека сиромашни се они кои немаат за леб, па затоа и се кршат политиките точно на овој прехрамбен производ, иако е сосема погрешно тоа да биде така. За жал, во ситуација кога имаме околу 32% население кое живее во ризик од сиромаштија или е социјално исклучено, а во 10 од 19 сектори по дејност просечно исплатената плата е пониска од националната просечна, навистина е срамно да се даваат вакви предлози, а да не се погледне поголемата слика која упатува на тоа дека само мал дел од населението може комотно да живее, вели Дуковска.

Според неа, тоа го покажала и сплотеноста на граѓаните деновиве околу тоа дека цената на основните производи треба (и требаше) да се одржува ниска, за да може да им останат пари и за останатите основни потреби, да не прават компромиси и избор меѓу сметки, храна, здравје, итн.

Додава дека како организација која работи на унапредување на политиките за намалување на сиромаштија и подобар квалитет на живот за граѓаните во неколку наврати ја застапувале потребата од квалитетни политики кои имаат механизми за превенција да не ги донесат граѓаните во состојба на немоќ, наспроти инцидентни мерки кои имаат улога во намалување на последиците од некоја состојба.

Сега всушност ги гледаме последиците од изборите како ќе се трошат државните пари, кои беа направени претходно, заклучува Дуковска.

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија денеска донесе одлука од утре да прекине со штрајкот и да почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари. Од друга страна, битката против владината одлука, како што соопшти претседателот на Групацијата Горан Малишиќ, ќе ја водат на суд. Тој истакна дека се во интензивни консултации со правници, бидејќи владините одлуки биле незаконски и противуставни.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости