„Покажавме дека оваа коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз има капацитет да спроведе соживот меѓу заедниците. Ние сме традиционални партнери на СДСМ и на добро и лошо делуваме заедно и сметаме дека заедно можеме да постигнеме напредок во областа човекови права, демократијата, економијата, земјоделието и различни области во општеството. Тоа го докажавме овие седум години и затоа следниот период европскиот пат на државата треба да продолжи. Ако не продолжи европскиот пат, ќе нема економски развој“, рече Енес Ибраим, претседател на партијата Демократско движење на Турците во интервју на Слободен печат.
Тој додаде дека откако нашата држава го започна патот кон ЕУ има напредок во однос на економијата и останатите области и затоа не треба да се откажеме од овој пат. Тој дополнително додаде дека опозицијата треба да размислува порационално.
„После избори, доколку се случуваат тие уставни измени, кој ќе ни ја плати цената за изгубеното време? Гледаме дека секоја година младите одат во Европа, не одат во Русија или во другите источни држави. Затоа имаме и ние позитивно искуство како турска заедница. Еден период навистина се иселуваа многу Турци од источниот дел на државата, но најголем дел се вратија. Но, позитивните работи ги промовираат и пред соседите. Над 80% од турската заедница се за ЕУ“, потенцираше Ибраим.
Тој додаде дека коалицијата предводена од СДСМ покажала капацитет и разбирање за помалкубројните етнички заедници.
„Има простор за афирмирање на припадниците на помалкубројните заедници. Имаме план и програма за во иднина како би можеле да станеме членка на ЕУ како би можеле да ја подобриме местоположбата на турската заедница“ потенцираше Ибраим.