Отпеана пред на почетокот на деведесеттите години на минатиот век од Пепи Бафтировски, а изминативе десеттина години препеана од голем број на наши музичари, песната „Заветна“ се уште е една од најизведуваните во земјава.
Со текст на Георги Барбаровски и музика на неговиот брат Миле Барбаровски, песната денес е на репертоарот на речиси целата фолк естрада за време на настапи.
За времињата кога се создала, и кога била отпеана од грлото на Бафтировски, за „Фокус“ раскажува Ава Керш, со која музичарот беше во брак токму во периодот кога неговата кариера беше во подем и кога покрај „Заветна“ тој ги отпеа и „Сине мој“, „Ако згрешам нека изгорам“, „Друга љубов не сакам“ и други.
– Иако долги години не живеам во Македонија, ги следам естрадните случувања, посебно кога станува збор за делата кои Пепи ги остави зад себе, а кои денес се популарни помеѓу народот, но и за помладите колеги кои снимија повеќе обработки на „Заветна“. Во април ќе се навршат 17 години од смртта на Пепи, и знам дека уште во времето кога се сними песната, тој знаеше и беше свесен дека е незаменлив како интерпретатор. Еве, тоа и се докажа.
Од тој период имам само убави спомени, секој момент со Пепи и со ,,Заветна” е убаво сеќавање, многу ми значи што бев сведок на творештвото кое влезе во историјата на македонската музика, вели Ава.
Додава дека тоа што песната има многу обработки (Ја препеа Каролина Гочева, Андријана Јаневска и Игор Дурловски, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Бојана Скендеровски…), па дури важи за неофицијална химна на ВМРО ДПМНЕ, нејзе ја прави среќна.
– Среќна сум поради тоа, но сепак на крај, публиката е таа која одлучува колкав белег оставила една песна. ,,Заветна” остави голем белег и се пее и надвор од Македонија! Често си спомнувам за тие, изминати времиња кога се создадоа вакви големи песни, нема споредба денешното и тогашното време на естрадата. Прекрасни времиња и дружби, народната песна беше во подем.
Не можам ниту да опишам какво беше чувството да бидеш дел од естрадата тоа време. Публиката ја обожаваше народната музика, и кога имавме концерти, спортските сали беа преполни. За квалитетот на фестивалите од тие времиња, пред околу три децении, нема потреба ниту да зборувам, песните се доволен доказ.
Бидејќи не сум во Македонија долги години, не можам да ја знам вистинската причина зошто не се создаваат нови песни како порано. Убаво е да се препејуваат старите песни, меѓутоа ни требаат и нови творештва. Ние имаме квалитет во Македонија, вели Керш.
Таа со Пепи и ќерката Марина и синот Емил се пресели во Америка во 2003 година, а денес има и внучиња, и вели дека сите тие ја сфаќаат големината на Пепи на нашата сцена и среќни се поради тоа.
– Сите се среќни поради популарноста на песните на Пепи, и после сите овие години, но понекогаш таа популарност пречи. Се нема приватност! Јас и Пепи секогаш се трудевме фамилијата да биде заштитена и да биде на страна од јавноста, вели Ава.
Раскажува дека од денешна дистанца, не погрешиле кога со Пепи решиле да се преселат во Америка.
– Иако во тоа време не сакавме да дојдеме тука, сепак сега гледам дека тоа беше најпаметното нешто кое го направивме. Не погрешивме што се преселивме во Америка, барем тоа беше најдоброто нешто кое го направивме за нашите деца, раскажува Ава, која и по преселбата и остана верна на сцената.
– Јас и тука продолжив со настапи и никогаш не се откажав од сцената! Одржав концерт пред бугарската публика и еден концерт за десет-годишнината од смртта на Пепи. За тој концерт морам да се заблагодарам на мојот композитор Зоран Марковски, без кого мислам дека не можеше да се случи настанот.
Имав потпишано договор на три години со Сигман Продукција, настапив во повеќе мјузикли. Моментално се подготвувам за шоу кое треба да се одржи во мај. Исто така, секоја година настапувам и на Божиќно шоу, но годинава беше исклучок, бидејќи дојдов во Македонија, раскажа Керш, која во времето кога живееше и настапуваше во Македонија, секогаш го привлекуваше вниманието на јавноста со уникатниот стајлинг на кој му останала верна и денес.
Заедно со Пепи беа доста популарен естраден пар. Тој пак, кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, по години поминати надвор од Македонија, се врати во земјава и направи успешна кариера, оставајќи антологиски песни.
Потоа, во 2003 година, со семејството се преселија во Чикаго, каде Пепи ја изгуби битката со болеста, рак на белите дробови, на свои 66 години, во април 2008 година.
Вики Клинчарова