Големиот верски празник Рамазан Бајрам е еден вид на симбол на солидарноста, и се смета за триумф на доброто над злото. Изминатиот месец голем број на муслимански здруженија, во име на солидарноста во повеќе општини донираа на свои сограѓани, со цел секоја трпеза да биде полна за празникот, и никој да не се почувствува изоставен и сам.
Токму една таква приказна, за солидарноста и големата човечка свест раскажа Маргарита Маги Милошеска од Гостивар, самохрана мајка на Мартина, девојче со попреченост, која храбро го носи на својот грб животниот товар.
Маги е позната во земјава како голем борец, активист за правата на лицата со попреченост, но и нивните родители, бидејќи целиот живот, откако и починал сопругот, таа е и мајка и татко на својата ќерка, на која и е потребна постојана нега.
За ,,Фокус” вели дека веќе втора година по ред се случува од муслиманското здружение Qendra Bashkarisht Mundemi (Заедно можеме) пријатно да ја изненадат и да ја трогнат до солзи.
-Од здружението секоја вечер, цели триесет дена донираа вечера. Посебно сум им благодарна што несебично ни даваа и нам, кои не сме од православна вера и не нè одделија ниту една вечер. Синоќа, покрај вечерата ни донесоа и пакети со храна, а деновиве ни беа донирани облека и обувки за децата. Преблагодарна сум, на сите им посакувам среќен Бајрам, здравје и благосостојба – вели Маги.
Додава дека иако здружението е релативно ново и функционира од минатата година, веќе направиле и центар за донации.
-Убаво е кога некој ќе се сети на тебе, кога се сочувствува со секој човек, без разлика на вера, нација… Родителите на децата со попреченост имаат низа на предизвици и животот не им е лесен, а овие прекрасни луѓе тоа го сфатиле без да им се каже и еден збор. Меѓусебното почитување, соживотот, солидарноста, тоа се оние најсвети човечки вредности кон кои сите треба да се стремиме, секој ден од нашиот живот. Добрите дела кон сите луѓе, тоа е патот по кој треба да чекориме заедно – изјави Милошоска.
Вики Клинчарова