Иако не влезе во финале, ќе има организиран дочек за хрватската претставничка на Евровизија

by Fokus

Вчерашната прва полуфинална вечер на Евровизија помина без пласман во финале за Македонија, Хрватска, Словенија, Ирска, Романија и Австралија. Хрватската претставничка Албина Грчиќ, која настапи со песната „Тик-ток”, а за која Хрватите беа уверени дека ќе им донесе висок пласман, очигледно не ги исполни критериумите да се бори за победа во финале, па нејзините разочарани поддржувачи денес на социјалните мрежи најавија дека и покрај се, ќе и организираат дочек на аеродромот во Загреб.

Во Хрватска дури е започната и онлајн петиција, која гласи – Албина во финале, бидејќи тамошната јавност смета дека на Хрватска и е нанесена неправда.

-Не можеме да сфатиме како функционира Евросонг, во шок сме, бидејќи Албина совршено ја изведе песната – се дел од реакциите. И нашиот претставник Васил Гарванлиев, и покрај впечатливиот и самоуверен настап на евровизиската сцена, не ги исполни непишаните евровизиски стандарди за влез во финале. Коментарите на следбениците на манифестацијата од разни земји, генерално беа во насока дека Гарванлиев е одличен вокал и голем професионалец кој пее од срце, но сепак, песната не беше доволно „евровизиска”, односно е еден вид на мјузикл, кој тешко поминува кај пошироката публика.

Утре за влез во финале ќе се борат Србија, Грција, Бугарија, Албанија, Сан Марино, Естонија, Чешка, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд, Грузија, Португалија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска. Големото финале ќе се одржи на 22-ри мај. Засега нема најава дали и за Гарванлиев ќе се организира дочек на аеродромот во Скопје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости