Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников изјави дека украинските сили ќе се обучуваат за употреба на борбени тенкови Леопард 2, и покрај тоа што западните сојузници вчера не одлучија дали да го снабдуваат Киев со тенкови од германско производство.
Резников во изјава за украинскиот сервис на Гласот на Америка нагласи дека украинските војници ќе тренираат на такви тенкови во Полска.
„Државите кои веќе имаат тенкови Леопард можат да почнат програма за обука на нашите тенковски единици. Се надевам дека Германија ќе го следи нивниот процес, ќе спроведе внатрешни консултации и ќе донесе одлука за испорака на тенковите. Јас сум оптимист за тоа бидејќи првиот чекор е направен. Ќе почнеме со програмите на „Леопард 2″, рече Резников.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин и началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили за време на брифингот во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија изјавија дека Германија во овој момент нема да испорача тенкови Леопард 2 на Украина.