Иако не добија државна помош, ДНК сепак ќе одржат јубилеен концерт

by Fokus

Популарното музичко дуо ДНК го најави својот голем концерт по повод јубилејот, 20 години на сцената. Како што информираат на своите социјални страници членовите на дуото, Панчо и Андреј, ќе направат голема прослава во арената Борис Трајковски, а датумот ќе биде соопштен наскоро.

-Годинава славиме (за нас) голем и значаен јубилеј од 20 години постоење на македонската (каква таква) естрада и сето тоа благодарение на сите вас кои ни ја почитувате нашата работа и ни давате неизмерна поддршка, љубов, позитивна енергија и не кревате горе секогаш кога сме биле на чекор да ја завршиме кариерата. На тоа сме ви преблагодарни и пробуваме да ви вратиме на секаков начин преку нашите настапи, песни и општествено одговорни дела. Вие сте нашата ДНК – велат од дуото.

Минатиот месец, кога беа објавени резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, и околу 25 милиони евра, односно 1.53 милијарди денари ќе бидат поделени во рамките на годинашната програма за финансирање на проекти од областа на културата, ДНК не се најде помеѓу корисниците на кои им се одобрија средства од буџетот. Тогаш порачаа дека се работи за омаловажување, деградирање и непочитување на своето.

-Да не бидеме погрешно сфатени не се жалиме туку само сакаме да ви ја доловиме ситуацијата како е третирана македонската поп индустрија и воопшто македонската музика. Затоа и сцената е таму каде што е и не гледаме светла иднина додека вака сме/се третираат македонски артисти. Станува збор за ЈУБИЛЕЈ од 20 години, а не обичен настан. Ако бенд со 20-годишна кариера, кој зад себе има преку 60 синглови, 3 албуми, 2 големи соло концерти (скопски саем), еден анплагд концерт (универзална сала), безброј настапи низ државата и надвор од неа презентирајќи ја државата не множат со НУЛА, што останува за останатите наши колеги и оние млади артисти кои започнале кариера или планираат да ја започнат. Ова е тотално омаловажување, деградирање и непочитување на своето. За жал секогаш сме биле деструктивни како нација и секогаш туѓото се ценело многу повеќе-реагираа од ДНК.

Вики Клинчарова

Поврзани новости