Иако инсистираше, бизнисменот Орце Камчев се откажа од барањето да биде присутен на судското рочиште коешто се одржа денеска во Основниот суд Скопје 2 за тужбата што токму Камчев ја поднесе за текст објавен во неделникот „Фокус“.
Неговите адвокати кажаа дека барале од од Кривичниот суд, денеска да биде спроведен од Шутка, но од таму не добиле одговор, па го повлекоа предлогот тој да биде сослушан во својство на странка односно тужител.
Судијката Јасмина Блажевска констатираше дека Камчев не е спроведен од притвор каде се наоѓа за случајот „Плацевите на Водно“, но и забележа дека одбраната барањeто за негов спровод го пратила непосредно пред судското рочиште.
На денешното рочиште продолжи сослушувањето на тужените, односно новинарката Ирена Мулачка и главната и одговорна уредничка на „Фокус“, Гордана Дувњак.
Прашањата на одбраната беа главно насочени кон тоа дали новинарката барала став од втората страна, односно од Камчев, зошто Камчев бил на насловната страница под наслов „Зошто доцни изградбата на штипската клиничка болница“ и дали медиумот побарал дозвола од Камчев да стои негова слика на насловната страница.
Новинарката објасни дека испратила смс порака до Камчев и мејл до „АД Бетон Штип“, каде Камчев е дел од Одборот на директорите, но не добила одговор.
Уредничката Дувњак објасни дека медиумите немаат обврска да бараат согласност од лицата кои се ставаат на насловна, а со оглед на тоа што не е објавувен негов матичен број не е прекршен Законот за заштита на лични податоци. Таа објасни дека Камчев е јавна личност позната во Македонија и надвор, а фирмата „АД Бетон Штип“, каде Камчев е дел од Одборот на директори, требало да ја гради штипската болница која се уште не е изградена.
Исто така Мулачка и Дувњак објаснија дека медиумот се се водел од јавниот интерес, со оглед на тоа што две години сме од здравсвтвена криза, а изградбата на штипската клиничка болница, која требаше да биде регионален центар ја чекаат 200 илјади граѓани од тој регион.
Двете страни завршните зборови ќе ги достават на писмено до судот, а за на 28 декември е закажано соопштувањето на пресудата.
Камчев во поднесената тужба наведува дека се чувствува навреден, односно му била нарушена честа и угледот со објавениот текст во неделникот под наслов „Зошто доцни изградбата на штипската клиничка болница?“. Тој бара 40.000 денари надомест на штета за клевета.
Камчев го тужи „Фокус“, ама не се појави на судското рочиште