Иако државата му вети решение повторно го остави на цедило: 100% воениот инвалид од 2001 година се уште е без дом

by valentina 15:08
15:08

Државата, по кој знае кој пат, повторно го остави на цедило воениот инвалид П.С. од Скопје, бидејќи и покрај ветувањето дека конечно по 15 години ќе го оствари своето законско право за станбено згрижување, сепак тоа не се случи. Пред два месеци „Фокус“ ја објави животната приказна на овој скопјанец, кој на само 22-години бил тешко повреден во војната во 2001 година, и оттогаш живее со 100% инвалидитет, а државата со години не му го остварува законското право за дом, каде што ќе може да живее со својата сопруга и трите малолетни деца. Бил на првата борбена линија во Арачиново, во одбрана на татковината од воен напад на терористичка организација, но оттогаш е заборавен.

Кога побаравме одговор од надлежната владина комисија, одговорот беше дека уште истиот ден ќе го решат прашањето, заостанато од минатото, но тоа не се случи.

Информирани се сите институции и од нивна страна се доставени сите неопходни документи. Во моментов се очекува одржување на седница на Комисијата за станбени прашања на која ќе се разгледа предметот и ќе се донесе конечна одлука. Владата е посветена на законито и транспарентно постапување, а решавањето на случаи кои со години биле оставени без разрешница е јасен показател за таквиот пристап. Но како Влада ги решаваме сите наследени и нерешени состојби од минатото. Постапката се водеше согласно законските процедури, со вклучување на сите надлежни институции и разгледување на сите релевантни аспекти, со цел да се донесе издржана и правична одлука. По донесување на одлуката, јавноста ќе биде навремено информирана, одговорија пред два месеци од Владата за „Фокус“.

Но, и до ден денеска решение нема.

На мојот сопруг, 100% воен инвалид од I група, не му обезбедија соодветен стан, не му донесоа конечна одлука, а службените документи за рангирањето и државниот станбен фонд ги прогласуваа за „личен интерес“. Во исто време му пресметуваа закупнина и поведуваа извршни постапки за барака што самите институции ја утврдија како руинирана и без услови за живеење, раскажува сопругата на воениот инвалид.

Таа вели дека за нејзиното семејство ова одамна не е само приказна за едно нерешено барање за стан.

Ова е документиран пример за тоа како државниот систем повеќе од две децении не донесува конечна одлука за мојот сопруг – човек кој го загубил здравјето во служба на државата, кој припаѓа на најтешката категорија воени инвалиди и кој има уставен и законски приоритет при станбено згрижување. Ова е случај во кој на мојот сопруг: не е обезбеден соодветен и траен дом; не е донесен конечен управен акт; не се доставуваат целосните службени документи; не се објавуваат критериумите и рангирањето; се пресметувала закупнина за невселвлив објект; се воделе извршни постапки; предметот се препраќал меѓу институции; јавноста со години била уверувана дека случајот е пред решавање..., вели нашата соговорничка.

Таа појаснува дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на 27 мај годинава, утврдила продолжена и интерсекциска дискриминација од страна на Комисијата за станбени прашања при Владата.

Ова не е само тврдење на нашето семејство. Ова не е политичка изјава. Ова не е медиумска квалификација. Ова е официјално утврдување од специјализиран државен орган дека континуираното и долгогодишно непостапување претставува тежок облик на дискриминација. КЗСД утврди дека мојот сопруг се наоѓа во особено ранлива положба поради истовременото дејство на повеќе лични и животни околности: 100% воен инвалидитет од I група; попреченост;нпотреба од постојана нега и помош; тешка и трајно нарушена здравствена состојба; целосна загуба на работната способност; татко на три деца; нашето семејство е без сопствен и соодветен дом; долгогодишна станбена и социјална несигурност, вели сопругата.

Комисијата утврдила дека положбата на обесправениот скопјанец требало да предизвика засилено, приоритетно, индивидуализирано и итно институционално постапување.

Наместо тоа, нашето семејство помина низ 24 години барања, ургенции, препраќања, известувања, ветувања и недонесување конечен управен акт. Државата го определила мојот сопруг како приоритетен со закон, а во практиката неговиот предмет го оставила нерешен повеќе од две децении, вели нашата соговорничка.

НАМЕСТО СООДВЕТЕН СТАН – ПРИВРЕМЕНА МОНТАЖНА БАРАКА

Постапката за станбено згрижување започнала уште во 2002 година. Во 2003 година, наместо соодветен стан, на П.С. му бил доделен привремен монтажен објект, барака од околу 36 квадратни метри.

Објектот бил со тенки ѕидови, без соодветна топлинска изолација, без нормални услови за греење, со влага, вода под подот, термити и сериозни санитарни недостатоци. Во поплавата од 2008 година во објектот навлегле вода, фекалии и канализациско загадување. И оттогаш почнува главниот проблем, бидејќи семејството не добива соодветен и безбеден заменски дом. Иако и службените записници и документите на државното акционерско друштво подоцна потврдиле дека во објектот не може да се живее, сепак со години биле пресметувани закупнини и биле поведувани извршни постапки.

На мојот сопруг, кој живее од примања по основ на воена инвалидност и постојана нега, му бил создаван дополнителен финансиски и психолошки притисок за објект што самите институции го утврдиле како непогоден за живеење, вели соговорничката.

Таа појаснува дека КЗСД не утврди дискриминација од страна на АДИССДП/АДССДП, туку одговорноста за продолжената дискриминација ја лоцираше кај органот што одлучува за доделување стан – Комисијата за станбени прашања при Владата.

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ГО ВНЕСЕ СЛУЧАЈОТ ВО ГОДИШНИОТ ИЗВЕШТАЈ

Случајот му е добро познат и на Народниот правобранител кој повеќепати барал информации, објаснувања и преземање мерки од надлежните институции. Оваа животна приказна е дел и од Годишниот извештај за 2025 година како пример за долгогодишно нерешено станбено прашање на лице со 100% воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца.

-Во извештајот е опишана состојба во која мојот сопруг повеќе од 15 години чекал соодветно, безбедно и трајно станбено решение, додека Комисијата доставувала формални одговори дека предметот не бил разгледан или дека ќе биде разгледан, без да донесе мериторна одлука. Народниот правобранител укажувал дека предметот треба да биде ставен на дневен ред и решаван со приоритет, вели сопругата.

И покрај институционалните ургенции, конечен акт не следувал.

По спроведениот надзор, и Државниот управен инспекторат утврди дека по барањето и доставените дополнувања не било постапено и дека предметот не бил ставен на дневен ред на Комисијата за станбени прашања. Инспекторатот констатира непостапување спротивно на правилата на управната постапка.

Овој наод е особено важен затоа што покажува дека долгогодишниот молк не е само наше субјективно чувство. Тој е службено утврдена состојба од контролен државен орган. По инспекцискиот наод, наместо конечна одлука, Комисијата повторно достави само известување за статусот на постапката, без диспозитив, без целосно образложение и без правна поука, појаснува сопругата.

Во официјален допис од 28.11.2025 година Комисијата за станбени прашања наведено е дека предметот е административно обработен, документацијата е разгледана, предметот е уреден и е предложен за разгледување. Во официјален допис од 16.03.2026 година наведено е дека документацијата е комплетирана, дека предметот е во финална административна обработка и дека се преземаат конкретни и завршни дејствија за донесување конечна одлука. И во јавни медиумски одговори повторно беше создаван впечаток дека предметот е во завршна фаза, но конечна одлука не е донесена.

На 19.05.2026 година добиваат нов допис од Комисијата за станбени прашања од каде наведува дека оригиналните списи биле доставени до Управниот суд и дека нема законски основ за паралелно постапување сè додека Судот не донесе правосилна одлука.

Со тоа за нас е создаден институционален круг без излез. Предметот е пред Управниот суд токму затоа што Комисијата не донела конечен управен акт. Органот не може: прво да создаде долгогодишен молк; потоа да биде тужен поради тој молк; а потоа постоењето на тужбата да го користи како причина повторно да не одлучува. Тужбата поради молк не може да биде алиби за продолжување на молкот, вели сопругата.

НЕ БАРАМЕ ПОДАРОК, БАРАМЕ ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Само осум дена по овој допис, КЗСД утврди продолжена и интерсекциска дискриминација како тежок облик на дискриминација и ѝ препорача токму на Комисијата за станбени прашањада одлучи по барањето и да постапи во рок од 30 дена од приемот на Мислењето.

Не барам подарок. Не барам политичка услуга. Не барам привилегија надвор од законот. Барам државата да го примени законскиот приоритет што самата го утврдила за воените инвалиди. Барам да се почитува посебната уставна заштита на мојот сопруг, кој го загубил здравјето при извршување службена должност. Барам: конечен, писмен и образложен управен акт; реално и соодветно станбено решение; дом приспособен на потребите на петчлено семејство; почитување на здравствената состојба и потребата од нега; доставување на службените документи; објавување на методологијата и критериумите; увид во рангирањето; транспарентно управување со државниот станбен фонд; прекин на продолжената дискриминација, истакнува нашата соговорничка.

Валентина Вурмо

Слични вести