Цветаноски: Животот на децата со имунолошки болести е загрозен поради хаос во здравството

by irena 14:31
14:31

Симона Цветаноски – член на Извршниот одбор на СДСМ упати сериозни обвинувања до власта, тврдејќи дека поради административен хаос е загрозено здравјето на најмладите пациенти на Детската клиника.

„Животот на децата со имунолошки болести е загрозен, поради административен и институционален хаос на власта на Мицкоски. Нема медицински кадар на Детската клиника. Распад на здравствениот систем кој не може ниту за здравјето на децата да се грижи“, изјави Цветаноски.

Таа ја прозва министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека изговорите за доцнењето на согласностите за вработување медицински кадар се неприфатливи кога се во прашање човечки животи.

„Кочоска се правда дека доцна пристигнало барањето за согласност за вработување. Па зошто порано не се надминале административните пречки, особено кога се работи за живот на деца? Вистината е дека согласности за вработување имало, и се барале дури од почетокот на оваа година, ама од финансии доцнел четири месеци“, вели Цветаноски.

Според опозициската партија, проблемот лежи во буџетските средства, кои се трошат ненаменски наместо да се насочат кон виталните сектори.

„Нема пари во Буџетот за нови вработувања, затоа што на оваа криминална и расипничка власт не и грижа за здравјето на граѓаните, ниту за најмладите. Овој хаос и неодговорност, оваа немаштија е на штета на децата. Детски животи се во прашање“, се наведува во партиското соопштение.

Слични вести