Со сослушување сведоци денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на судијата во Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов. На рочиштето сведочеа двајца сведоци – еден предложен од Обвинителството и еден од одбраната.
Сведокот на Обвинителството, специјалист за кибербезбедност во МВР и сопственик на мобиларница во Скопје, беше прашан дали Ристов на 3 декември 2025 година донел мобилен телефон на поправка. Тој изјави дека не примил телефон од Ристов и дека на Обвинителството му ја предал целосната евиденција од системот.
На прашање од самиот Ристов дали по 19 часот донел црн „самсунг“ со скршен екран и прашал дали може да се извадат податоците, сведокот одговори дека не се сеќава.
Потоа започна изведувањето на доказите на одбраната. Адвокатот Александар Варела, кој присуствувал на претресот во куќата на родителите на Ристов во Неготино, сведочеше дека претресот траел два дена.
Според него, вториот ден полицијата повторно ги проверувала истите простории, а во кујната се посомневала во плочките кои при проверка давале тап звук. Полицајците почнале да ги вадат и кршат плочките, а кај последниот ред откриле дупка во ѕидот.
Варела изјави дека Здравко Ристов, таткото на судијата, тогаш им кажал на полицајците дека во дупката има пари. Според сведокот, биле извадени околу 13 пакувања, по што било повикано лице од крим-техника за фотографирање.
По пронаоѓањето на парите, Варела го прашал Здравко зошто претходно не му кажал за нив.
„Не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари“, му одговорил Здравко, според сведочењето на адвокатот.
Варела рече дека Здравко му кажал дека станува збор за над 300.000, односно околу 350.000 евра и тврдел дека парите се негови.
Сведокот потврди и дека во помошните простории имало цемент и други градежни материјали. Здравко Ристов, според неговото сведочење, кажал дека дел од плочките под скалите биле свежо лепени.
По рочиштето, јавната обвинителка Искра Хаџи Василева оцени дека сведокот на одбраната дал некредибилна изјава во клучни делови.
Судењето продолжува на 6 октомври со сослушување сведоци на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа.