Државни функционери и вработени на високи позиции во јавни институции одат на протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија, во текот на работно време, обвинува Социјалдемократскиот сојуз.
Од партијата објавија фотографија која наводно е направена на вчерашниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК. На неа, се гледа директорот на ООУ Кирил и Методиј од М.Каменица – Димчо Атанасовски, градоначалникот на општината Македонска Каменица – Дарко Митевски, Гоце Стоиловски, вработен во противпожарната единица и Гоце Стојановски, директор на КИЦ Романса.
За апсурдот да е уште поголем, според СДСМ, на протестот бил и Андреј Стојчевски, вработен во општината и заменик секретар на општинската изборна комисија во Македонска Каменица, кој е избран за оваа функција токму од членовите на ДИК.
Според СДСМ, сите биле на протестот во текот на работното време, а градочалникот Митевски пак, го пропуштил и единствениот состанок во општината, кој се случува еднаш годишно и бил наменет за буџетот на 2017-та.
-Вршењето закана, оневозможување и спречување на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик. Ги повикуваме надлежните институции – Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и Министерството за внатрешни работи да извршат вонреден надзор врз работата на Општина М.Каменица, ООУ Кирил и Методиј – М.Каменица и Противпожарната единица во М.Каменица – велат од СДСМ.