Исплатата на парите од „Мој ДДВ“ за второто тримесечје нема да започне пред да биде усвоен ребалансот на буџетот за 2024 година, бидејќи во сегашниот буџет на УЈП не се предвидени средства за исплата, изјави директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.
–Исплатата не може да почне додека не помине ребалансот на Буџетот, бидејќи во буџетот на УЈП за 2024 година не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година.
Испланираните средства за „Мој ДДВ“ во најголем дел се потрошени и затоа мораме да го чекаме ребалансот на државниот Буџет и потоа да бидат испланирани средства, рече Петрова во интервју за „Република“.
Во интервјуто таа најавува и оданочување со паушал на оние кои произведуваат торти и колачи, изработувачите на накит, како и лицата што поставуваат кафемати.
-За овие дејности има законски начин на оданочување, односно т.н паушално оданочување на дејности од времен карактер.Но,очигледно затаиле некои механизми штом има толку многу неоданочени даночни обврзници. Прво ќе се оди кон информирање на даночните обврзници и нивните обврски.Паушалот ќе биде различен, ќе се прават пресметки, во зависност од местото каде што се врши дејноста, бројот на часови, односно сразмерно на приходите што може да се остварат од вршењето на дејноста, објаснува Петрова за „Република“.
Таа најавува и засилени контроли на оние кои продаваат производи преку Фејсбук и Инстаграм.
Вчера, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на прес-конференција во Собранието најави дека се очекува ребалансот на Буџетот да биде усвоен во втората недела од август.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет во тек е амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. Поднесени се вкупно 58 амандмани.