Комисија за прашања на изборите и именувањата попладнево не го утврди предлогот Воислав Димовски да биде избран за судија на Уставниот суд.
Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, за уставен судија беше предложен од опозицијата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков забележа дека се врши крајна партизација на судството и оти изборот на судии не се врши во Собрание, туку тоа е веќе договорена работа.
-На наши неброени прашања, според кои критериуми беше избрана Татјана Васиќ, а судијата Тодор Витларов, со долгогодишно судско искуство, не беше избран, не добивме одговор. Ние предлагаме кандидати како Воислав Димовски, Витларов, за да бидат контраст на оние кои ги предлага мнозинството – рече Лефков.
Од предлозите од ВМРО-ДПМНЕ, досега се одбиена кандидатурите на универзитетската професорка Родна Живковска, обвинителот Тодор Витларов, судијата во пензија Бранко Секуловски.
Досега, пратениците дадоа поддршка за Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, и за граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје – Фатмир Скендер.
Тие, како и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, се предложени од владејачките партии.