Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека „дури и војните имаат правила“ во врска со ситуацијата во Израел и Појасот Газа и повика на заштита на цивилите во војната, нагласувајќи дека „тие никогаш не смеат да се користат како жив штит“.
Како што пренесуваат светските медиуми, Гутереш на новинарите им ја опишал ситуацијата во израелско-палестинската војна: „здравствен систем на работ на колапс“, „преполни мртовечници“ и „криза со вода“ во палестинската енклава Газа, која е под политичка контрола на Хамас и која е цел од страна на израелските безбедносни сили, по ненадејниот ракетен напад на Хамас врз Израел, упадот на неговите милитантни членови на југот на таа земја, убивањето цивили и земање заложници.
„Ситуацијата во Газа достигна опасно ново ниво“, изјави Гутереш.
Густо населената Газа е под речиси постојани воздушни напади на израелската армија од 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел.
„Ужасните терористички напади на Хамас врз Израел минатата сабота, во кои загинаа повеќе од 1.200 луѓе и беа повредени илјадници други, беа проследени со интензивно бомбардирање на Газа во кое веќе загинаа 1.800 луѓе, а илјадници беа повредени“, изјави Гутереш за новинарите пред почетокот на состанок на Советот за безбедност зад затворени врати, на кој тема се состојбите на Блискиот Исток и други прашања.
Гутереш повика на итно ослободување на сите заложници кои се држат во Газа.