И третиот круг гласање за изборот на нов италијански претседател денеска не донесе победник, а блоковите од десниот и левиот центар очигледно не се ни блиску до договор за взаемно прифатлив кандидат.
За еден кандидат да биде успешно избран во првите три круга од гласањето му е потребно двотретинско мнозинство. Од четвртиот круг гласање, што ќе се одржи утре, ќе биде доволно и апсолутно мнозинство.
Голем број пратеници и денеска продолжија да уфрлаат празни гласачки ливчиња во кутиите за гласање.
Меѓутоа, се поголем број го споменуваат името на досегашниот шеф на државата, Серџо Матареле, кој одби да прифати втор мандат.
Премиерот Марио Драги е фаворит, но целиот процес е комплициран поради загриженоста на партиите дека преземањето на претседателската функција од Драги може да доведе до распаѓање на владата и распишување предвремени парламентарни избори.
Иако е главно церемонијална должност, италијанскиот претседател има значителни овластувања во време на политичка криза – од распуштање на парламентот до избор на нов премиер и отфрлање на мандатите од кревките коалиции.