Подвидот на сојот омикрон, наречен БА.2 или како што некои научници го нарекуваат „стелт омикрон“ стигна и во Македонија, поточно регистриран е кај тројца заразени ковид пациенти, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, пациентите заразени со новиот подвид се двајца од Скопје и еден од Струмица. Нашите извори тврдат дека во лабораторијата на Институтот за јавно здравје направена е типизација на 41 примерок од кои 35 граѓани се носители само на омикрон, додека тројца на новиот подвид. Исто така, се уште е присутен и делта сојот, кој дава потешка клиничка слика на заразените.
Сепак, постои можност повеќе пациенти да се носители на стелт омикронот, но не се прави типизација на сите примероци.
Претходно, Светската здравствена организација соопшти дека стелт омикрон е откриен во 57 земји, додавајќи дека прелиминарните податоци покажуваат дека е позаразен од другите видови на омикрон.
Пред неколку денови подвидот беше откриен и во регионот, Хрватска, Црна Гора и Србија.
Според симптомите, тој е позаразен и побрзо се шири, но исто така има полесна клиничка слика.
Досега во земјата се направени вкупно 1.846.264 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 287.016, бројот на оздравени пациенти е 267.134, на починати е 8.747, а бројот на активни случаи изнесува 11.135.
Ирена МУЛАЧКА