И владејачката и опозициските партии во Грузија прогласија победа на парламентарните избори, кои според нив ќе одредат дали поранешната советска република ќе се движи кон Запад или ќе се сврти кон Русија додека војната во Украина продолжува. Ривалските излезни анкети беа со различни проекции.
Според првите прелиминарни резултати, објавени од страна на изборната комисија по пребројување на околу 70 отсто од избирачките единици, владејачката партија „Грузиски сон“ освои околу 53 отсто од гласовите.
Коалицијата за промени освои нешто повеќе од 11 отсто од гласовите, Единство – За спас на Грузија околу 9,8 отсто, Силна Грузија околу 9 отсто и партијата За Грузија околу 8,24 отсто од гласовите. Според првичните неофицијални податоци, останатите партии не го надминаа изборниот праг од пет проценти.
Излезноста беше речиси 59 отсто, соопшти Централната изборна комисија, односно повеќе отколку на последните два претходни избори во 2020 и 2016 година, но околу два отсто помалку отколку во 2012 година, кога на власт дојде сега актуелната Грузиски сон.
Ривалските излезни анкети дадоа различни проекции. Едно истражување покажа дека владејачката партија, која неодамна се сврте кон проруска реторика, победува лесно, а две други анкети покажаа дека опозицијата ќе освои мнозинство, наведува Ројтерс.