Новинарка на Порталб.мк во два наврати пријавила дека помеѓу 11:30 и 12:30 часот била попречувана при вршењето на својата работа на две избирачки места во општина Чаир – во основните училишта „Имре Елези“ и „Петар Здравковски – Пенко“, информираат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„На новинарката не и било дозволувано да фотографира, и не биле прифатени нејзините барања да добие изјави од претставник на избирачки одбор и покрај нејзините укажувања на насоките од Државната изборна комисија за непречено и задолжително давање на информации на новинарите. На избирачкото место 2961/1 таа се соочила и со низа навреди од лице кое не се претставило и чија улога на избирачкото место не била јасно видлива, а дури била повикана и полиција со оправдание дека новинарката го попречува изборниот процес. Откако новинарката пријавила во ДИК, ситуацијата се смирила, а изјава за текот на избирачкиот процес добила на едно избирачко место по низа инсистирања и укажувања“, соопштија од синдикатот.
ССНМ апелира избирачките одбори, набљудувачите и сите инволвирани во избирачкиот процес да се однесуваат љубезно и достоинствено и да ги почитуваат процедурите, Изборниот Законик, насоките и правилниците на Државната изборна комисија и да не ги попречуваат новинарите во нивната работа која, како што додаваат, е од огромно значење за целокупниот демократски амбиент и за одржување слободни и демократски избори.
ССНМ потсетува дека новинарите можат во секој момент да пријават какви било попречувања на нивната работа, закани, навреди, физички или вербални напади на бесплатниот телефонски број 0800 11 011.