И Ванковска ги осуди насилниците од Мелбурн

by fokus

И професорката Билјана Ванковска ги осуди насилниците од Мелбурн кои навредуваа и понижуваа Македонци што излегле да гласаат на референдумот. Ванковска е остар противник на Договорот со Грција и се залага за бојкот на референдумот, но сепак таа напиша на фејсбук дека е грдо и недолично однесувањето на група иселеници кои го попречуваа правото на глас.

„Грдо и недолично, особено вулгарниот речник и фотографиите кои се споделуваат. Немојте со такви средства! Немојте од тие што гласаат да правиме маченици! Овие кои сега скокнале да им ги бранат бирачките права и дигнитетот, а не рекоа ни збор за заканите од Оливер Спасовски, Камбовски и слични, не заслужуваат ни да се коментираат. Како да коментираш луѓе кои имаат двојни стандарди? И кои не гледаат дека силуваат цела нација, кршат меѓународно и национално право, кодекс на Венецијанска комисија? Тие веројатно и во 2004 година не видоа дека НАМ кои тогаш гласавме, наспроти притисоците од власта да апстинираме, ни се закануваа. Тие згодно и селективно гледаат и слушаат.
Но, навистина сакам кристално чиста и морална победа на отпорот! Ние не сме нација на насилници, а бојкотот е само средство за самоодбрана. Пуштете ги слободно сите што сакаат да се посрамотат себе си – ним ќе им судат семејствата и децата. И историјата. Доволно им е!“, напиша Ванковска. 

Поврзани новости