Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски се пожали дека подолго време не може да стапи во контакт со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која беше избрана со поддршка на неговиот поголем коалициски партнер-ВМРО-ДПМНЕ.
-Веќе 45 дена го молам Градот Скопје да назначи Комисија за урбанизам, бидејќи старата комисија е суспендирана, а нема назначено нова за да го одобри деталниот урбанистички план за којшто како Општина Карпош сме тужени и тужителот бара 15 милиони евра оштета – истакна тој во видео-обраќање на фејсбук.
Јакимовски истакнува дека неколкупати се обидел да стапи во контакт и со градоначалниката Арсовска, но сите обиди му биле неуспешни.
-Досега имав средба со јавниот правобранител и со правобранителот кој го води предметот, а тие инсистираат планот под итно да се донесе и на инвеститорот да му се понуди парцелата којашто е суспендирана со поништување на планот. Во спротивно, имаме голема опасност да бидеме пресудени со 15 милиони евра – порача градоначалникот на Карпош.
Тој посочи дека не наидува на никакво разбирање од страна на Град Скопје, ниту, пак, како што рече, гледа чувство на одговорност.
-Не се работи за 15 крушки, туку за 15 милиони евра. Се обидував во директна комуникација со градоначалничката Данела Арсовска, а се обидував и по разни други канали да стапиме во контакт, но за жал, до денеска нема никаков резултат – порача Јакимовски.