И средношколците се приклучуваат на протестот: „Бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз“

by Fokus

Сојузот на средношколци објави дека се приклучува на денешниот протест против недостигот на јавен превоз во Скопје.

„Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија ја објавува својата активна поддршка и учество во претстојниот протест на петок, 22 ноември 2024 година, посветен на решавање на горливиот проблем со недостигот на јавен превоз во Скопје“ се наведува во соопштението.

Протестот ќе започне 14:00 часот пред старата пошта во Скопје, по што учесниците ќе се упатат кон Град Скопје, каде што протестот ќе продолжи од 14:30 часот.

„Овој сериозен проблем особено ги засега средношколците, правејќи го секојдневното патување до училиштата низ градот сè потешко. Како млади луѓе кои директно се засегнати, бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз и обезбедување еднаков пристап до образование за сите ученици.

Сојузот останува посветен на застапување на правата и потребите на учениците и обезбедување дека нашите гласови ќе бидат слушнати за прашања кои го засегаат нашето образование и секојдневен живот“ велат од Сојузот на средношколци.

Претходно протест најавија студентите, тие бараат нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од градоначалничката Данела Арсовска.

Поврзани новости