И Србија бара полноправно членство во ЕУ

by fokus

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ и францускиот амбасадор во Белград, Жан Луј Фалкони денеска разговараа за иднината на политиката на проширување, ставовите на Париз за политиката на проширувањето, тековните размислувања за можните реформи во ЕУ и нивните заеднички политики, билатералните односи и пристапниот процес на Србија, соопштија од владината Канцеларија за соработка со медиумите.

Јоксимовиќ на средбата порачала дека крајна цел на пристапниот процес на Србија е полноправното членство, се наведува во соопштението, во кое се додава дека таа потсетила „на важниот документ што ЕК го донесе во февруари 2018 година – Кредибилна стратегија за проширување за ЗБ, во кој Србија се препознава како една од фаворитите за членство во ЕУ, изразувајќи очекување дека новата ЕК одговорно и доверливо на партнерски начин ќе ја продолжи политиката на проширување онака како што е предвидено со стратегијата.“

Јоксимовиќ истакнала дека Србија со разбирање и трпеливост ги следи неофицијалните предлози за реформи во ЕУ и политиката на проширување, но во исто време и активно работи на пристапниот процес и на спроведување на обврските што ги има преземено. Затоа, таа изрази очекување дека за време на финското претседателство до крајот на годината, земјите-членки ќе ги признаат значајните резултати во спроведувањето на поглавјата 23 и 24 и дека Србија ќе добие согласност за отворање нови поглавја во пристапниот процес.

Францускиот амбасадор истакнал дека „ставот на Франција е јасен за крајната цел на пристапниот процес – а тоа е полноправно членство за кандидатите кои ги спроведуваат сите потребни реформи“.

Тој ги претставил рамковните идеи „за можните промени, кои треба да се усогласат во рамките на ЕУ и сите земји-членки“, истакнувајќи дека Франција ја препознава Србија како сериозна земја во пристапниот процес, која спроведува важни реформи во областа на владеењето на правото и економијата, како и дека е „важно Франција да ги слушне ставовите, погледите и искуствата на Србија како одговорен кандидат кој е длабоко вклучен во процесот на пристапување, во поглед на досегашниот начин и методологија на водење на преговорите, како и видливите и конкретни придобивки од процесот во оваа фаза на преговори“, се наведува во соопштението.

Поврзани новости