И според германските експерти кабелот на дефибрилатор причина за пожарот во модуларната болница

​Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука, велат од ЈО за Фокус.

by fokus

Наводите во вештачењето од Германија за пожарот во тетовската модуларна болница се поклопува со вештачењата направени во Македонија, односно и според македонските и германските експерти пожарот настанал поради електричен спој. Ова го потврдуваат од Обвинителството, од каде што додаваат дека се вршат анализа на сите прибрани докази.

-Во предметот во континуитет се преземаат дејствија во рамките на предистражна постапка со цел да се утврдат сите факти и околности. ​Во таа насока, беше наредено вештачење од МВР ОКТИВ, кое обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Беа наредени и извршени уште две вештачења – од Технолошкиот факултет и од стручно лице – електроинжинер. По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од ОКТИВ.

Според Извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи, беше утврдено дека пожарот настанал како последица на струен спој, при употреба на дефибрилатор.

– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, информираа тогаш од Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот.

-Анализата на сите прибрани докази е во тек. ​Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена.

Пожарот во модуларната болница изби на 8-ми септември годинава. Како што веќе објави „Фокус“, првите обиди да се справат со пожарот го направиле припадници на медицинскиот персонал кои се затекнале внатре, и тоа со она што прво им дошло при рака, однсоно со ќебе и вода. Оваа информација уште повеќе ги потврдува и првичните неофицијални информации дека во објектот немало противпожарен апарат.

Во пожарот загинаа 14 граѓани.

Валентина Вурмо

Поврзани новости