Тешко се води модерна политика, особено надворешна политика, во услови кога се злоупотребува колективната меморија од историјата за добивање избори. Но, уште потешко се опстојува на власт без таа колективна меморија преведена во политика
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Патриотизмот е чувство на љубов, приврзаност, посветеност кон сопствената земја и нација. Кога ќе се претера, тоа е национализам. По тоа ќе ги препознаете умерените луѓе од екстремистите, во животот и во политиката.
Противниците на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за добрососедство со Бугарија веќе не одбираат зборови во својата фанатична љубов кон македонската нација.
Неодамна, еден од нив побара датумите на нивното потпишување да бидат прогласени за почеток на холокауст врз Македонците. Друг, пак, прецизирајќи ја вината, ќе напише дека токму Вашингтон работи на затворање на „македонското прашање“ со бришење на Македонците.
Што е многу, многу е. Но, не и за нив: нивниот екстремизам им дава за право другите да ги нарече предавници. Пристојни и умерени луѓе тоа никогаш не би го кажале.
КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА НА СТРАДАЊЕ
Каде е изворот на нашите неволји? Породилните маки на современата македонска држава си го сторија своето во ранетата психа на Македонците.
Народите имаат колективна меморија базирана на митови и факти. Нашата колективна траума е плод на фактот дека Македонија, во време на балканските војни, е поделена од нашите соседи и од митот дека е таа само наша татковина, во нашите етнички граници.
Оттаму и податливоста на Македонецот на тезите дека, и денес, како и некогаш, сите се против нас. Современите проблеми со Грција и со Бугарија само ја надополнија страдалничката слика што ја имаме за самите себеси, пренесувајќи ја од една генерација на друга.
Се работи за македонска верзија на колективната меморија на народите, која толку лесно ги запали огновите на меѓунационалните војни во Југославија на почетокот на 1990-тите.
Од оваа куќа ни должат две глави, од онаа три, му шепоти дедото на внукот роден по војната на прошетка низ селото во Босна, раскажувајќи за стравотиите од меѓуетничките колежи од минатото.
Политиката на „Братството и единството“ како наложен мир безмалку половина век, се уруши во услови на слобода и демократија: дедото и внукот не мораа веќе да шепотат.
Со колективната меморија на страдање и со болките на историските рани многу лесно се манипулира во политиката. Но, кога ќе се разбуди таа историска меморија, станува ужасно тешко да се води модерна политика и дипломатија на една држава.
Тоа го знам од искуство. Кога ќе погледнам назад во времето, подобро разбирам што се случило. Во двете години по распадот на федерацијата, претседателот Глигоров ги држеше духовите на минатото затворени во шише.
Сѐ до приемот на Македонија во ОН, имавме една модерна дипломатија, која го зборуваше јазикот што го разбираа сите во меѓународната заедница. Ни збор за историските трауми. Никакво лелекање поради неправдите од минатото.
БРЗИОТ ЌАР ОД НАЦИОНАЛИЗМОТ
А Александар Македонски, прашуваа соговорниците. Последен пат го видов како шета со Грците во Солун, беше мојот одговор за некоја телевизија.
Ние сме Словени, им вели Глигоров на група новинари на некој светски аеродром, и сме дошле на Балканот во петтиот и во шестиот век. Одеднаш се чувствувам многу стар, како од шестиот век, му велам на претседателот на смеа, оддалечувајќи се од новинарите.
Тоа беше време кога колективната меморија на страдалничката нација сѐ уште не продре во надворешната политика, која беше во доменот на претседателот и на министерот за надворешни работи. Тоа беше на самите почетоци на нашата демократија.
Автентична надворешна политика на државата, креирана во парламентот, ќе беше одраз на нашите историски трауми, на нашата колективна меморија и ќе нѐ одведеше каде што беа и другите народи на Југославија – во војна дома и во судир со Вашингтон и Брисел.
Да повторам: тешко се води модерна политика, особено надворешна политика во услови кога се злоупотребува колективната меморија од историјата за добивање избори. Но, уште потешко се опстојува на власт без таа колективна меморија преведена во политика.
Свеста за брзиот ќар од национализмот дома и отпорот кон притисоците од Вашингтон и Брисел, кој носи аплаузи од избирачите, набргу стаса и во Македонија.
Глигоров не се излажа да посегне по национализмот оти знаеше каква сметка ќе плати народот. Но, кога се оствари целта со приемот на државата во ОН, претседателот разбра дека веќе не може да го држи шишето со духовите од минатото затворено ако сака тој и неговата партија да останат на власт.
Така, станавме нормална балканска држава во меѓународните односи, која на дипломатските преговори со западните демократии почна да ги влече тешките куфери полни со колективната меморија за онеправданиот македонски народ.
Бидејќи, во нашиве модерни времиња, никој во Европа и во Америка нема време за такви дебати, заглавивме 25 години со Грција и сега сме заглавени со Бугарија на неизвесен период време.