Сметководителите од утре ќе им се придружат на туристичко-угостителските работници и заедно со нив ќе протестираат. Незадоволни од игнорантскиот однос на власта и непочитувањето на нивната професија, како што рекоа денеска, ќе останат пред Министерството за финансии се додека не им бидат исполнети барањата кои досега неколку пати беа јавно изнесувани: директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.
На прес-конференцијата се приклучија и претставниците од угостителскиот сектор, како и од туристичките агенции кои информираа дека веќе испратиле допис до Владата во кој бараат детално објаснување за начинот како ќе бидат спроведени мерките од шестиот антикризен пакет кои се однесуваат на нивната дејност.
За средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи кој сам ги повика да седнат на заедничка маса, официјална покана, нагласија, се уште не добиле.
-Бараме изготвување закон за вршење сметководствени работи што ќе обезбеди заштита на фелата и ќе ги гарантира нејзините права наспроти обврските. Бараме законот да се креира и донесе во инклузивен и транспарентен процес, без обиди за манипулаци од структурите Министерството за финансии. Повеќе од една година се справуваме со здравствената криза, а недостигот на соодветна и навремена поддршка придонесе илјадници компании да престанат со вршење дејност и да се изгубат многу работни места. Истата судбини ги очекува и дел од над 1.800-те сметководствените претпријатија ако продолжи игнорантскиот однос од страна на институциите, истакна претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски и предупреди дека ликвидноста на сметководителите во земјава е на алармантно ниско ниво.
Според Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората, времето за преговори одамна заврши, а празните демагогии за задоволување на суетите ја доведоа сметководствената професија на маргините во општеството.
-Се што сега можеме да направиме е да го подигнеме гласот и да се избориме со ригидноста на институциите за местото кое ни припаѓа, потенцира Андреева.
За тоа колкава помош ќе им треба, сметководителите ќе излезат со анализи врз основа на точниот број вработени по фирми. Само така, рече Андреева, може да се конструира соодветен пакет кој би ги задоволил потребите.
Туристичко-угостителската комора (ТУК) утре ќе излезе со оценка за мерките од шестиот пакет што беа објавени вчера. Се уште ги анализира, но чека и одговор од Владата за начинот, методологијата и условите под кои ќе може да се аплицира за предвидената помош.
-И во минатите пакети, едно беше колку се дава, а друго начинот на кој се аплицира преку институциите како УЈП и условите што треба да се исполнат од аспект на документација, платени давачки,… Денеска е пратен допис до Владата за да ни се испрати точната методологија, односно како е замислено да тече начинот на апликација и кога е планирано тоа да се имплементира. Досега сме сведоци на континуирано задоцнето реализирање на мерките. Исто така, треба да видиме и на што се однесуваат тие 30 проценти, дали од вкупно прикажаниот приход или од некој друг начин на пресметување приход. Има многу нејаснотии, ја повикуваме Владата да ги објасни за да знаеме што не очекува и во кој поравец да движиме, истакна Мартин Ангеловски од ТУК.
Ана Марија Алексова, сопственик на туристичка агенција, го поздрави тоа што туристичките агенции се вклучени во шестиот пакет, но потсети дека Владата не ги разгледала, ниту дала одговор на сите нивни барања. Предвидената помош, нагласи, е моментална.
-Во мерките е напишано до 2.000 евра за лиценца Б и до 5.000 евра за лиценца А. Дали тоа значи дека некој може да добие 500 евра? Дури и да се ова максимум суми, ние вчера ја истакнавме потребата од континуирана и вистинска помош. Дали мислите дека компанија која има четири вработени може да издржи до крајот на годината ако нема приходи со тие 2.000 или 5.000 евра?, рече Алексова.
Туристичко-угостителските работници ќе останат на протестите пред Минисерството за финансии додека не им бидат исполнети барањата во целост. На вицепремиерот Битиќи му порачаа ако навистина сака да се сретне со нив, Владата да испрати официјална покана за да се организира состанок. МИА