Неутралната Швајцарија ќе ги усвои санкциите на Европската унија против Русите вклучени во инвазијата на Украина и ќе ги замрзне нивните средства, објави владата во понеделникот, означувајќи остар прекин со традицијата на неутралната земја.
-Со оглед на континуираната воена интервенција на Русија во Украина, Федералниот совет на 28-ми февруари одлучи да ги усвои пакетите санкции наметнати од ЕУ на 23-ти и 25-ти февруари, се вели во соопштението на владата.
Швајцарија, исто така, усвои финансиски санкции против рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Михаил Мишустин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Тие санкции стапија на сила веднаш.
„Швајцарија ја потврдува својата солидарност со Украина и нејзиниот народ. Ќе бидат обезбедните средстава и материјали за да им помогнат на луѓето кои побегнале во Полска“, соопшти владата.
Швајцарската влада повторно понуди да посредува меѓу Украина и Русија.
Швајцарскиот претседател Игнасио Касис во неделата рече дека е „многу веројатно“ Швајцарија да ја следи линијата на ЕУ.
Првично, Швајцарија балансираше меѓу покажувањето „солидарност поради руското кршење на меѓународното право“ и традиционалната неутралност, што ја направи соодветен потенцијален посредник.
Сепак, таа се најде под притисок јасно да застане на страната на Западот и да усвои санкции.