Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пристигна во Москва, на разговор со рускиот претседател околу деескалација на тензиите на руско – украинската граница, но пред средбата го одби ПЦР тестот, понуден од домаќините.
Наместо руски тест, Шолц одлучи лекар од германската амбасада да направи ПЦР тест, нешто што е предуслов за влез во Кремљ на состанок со рускиот претседател, Владимир Путин, информираат извори од германската делегација.
И францускиот претседател Емануел Макрон, минатата недела, исто така, одби да се тестира со руски ПЦР тест, пред состанок со Путин.
Затоа, разговорот на Макрон и Путин се одвиваше на маса долга шест метри, како би се запазила физичката дистанца. На прес конференцијата по средбата, двајцата стоеја оддалечени еден од друг неколку метри.
Шолц е последниот во низата западни шефови на држави и влади, кои се вклучени во силната дипломатска офанзива за спречување на војната во Украина. Мисијата е чувствителна, бидејќи Германија е рускиот најголем трговски партнер во Европа.
Предвидено е состанокот во Кремљ да трае неколку часа, што ќе заврши со заедничка прес конференција.
Посетата е во време кога германско – руските односи се на најниско ниво. Украинската криза веројатно ќе ги засени неколкуте нерешени билатерални конфликти меѓу Берлин и Москва.