И покрај ветувањата, Владата не обезбедила доволно пари за инсулин

by fokus

Сојузот на Здруженија на лица со дијабетес на Северна Македонија (СЗДСМ), во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, изрази огромно незадоволство од усвоениот Буџет во делот за програмата за инсулинска терапија.

Од тука велат дека сумата од 860 милиони денари е оставена иста како и претходната година, а во 2025 очекуваат распишување на нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027, а добиле и ветувања и од министерот за здравство, Арбен Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM сензори и инсулински пумпи) кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.

„Со ваков буџет нема да можат да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала кои веќе се достапни во земјите околу нас – Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Согласно искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година во година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства. Како Сојуз семе загрижени дека, поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8 проценти од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има недијагностицирани уште минимум 2 до 3 проценти). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за да оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот“, велат од Сојузот во писмо адресирано до Владата и Министерството за здравство.

Апелираат до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нивните потреби и очекувања и да го запазат континуитетот во подоврувањето на третманот на пациентите. Бараат активно да бидат вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер – нивни претставници да бидат дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес.

Во спротивно, како што најавија, Сојузот, локалните здруженија, ќе ги организира сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства, во активно покажување на нивниот револт пред здравствените и владините институции во земјата.

Дополнително, ќе ги известат сите меѓународни здравствени институции на Европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во Македонија, како и за не обезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес.

Поврзани новости