Министерството за образование нема да ја заврши порано наставата во основните училишта поради топлотниот бран како што бараат родителите, затоа што по закон школската година мора да се одработи до 17 јуни понеделник.
„Учебната година во основните училишта е регулирана со закон и трае до 17 јуни со што ќе се исполни законскиот услов годината да има 180 работни или училишни денови. Не може МОН да носи одлука за прекин на настава затоа што ќе го прекрши законот“, велат за „Фокус“ од МОН.
До крајот на учебната година им останаа уште три работни дена. Скратената настава ќе остане денес утре и во понеделник според последната одлука на МОН.
Скратената настава е одговор на барањето на родителите кои реагираа дека во училиштата нема услови за работа и повикаа годинава порано да се заврши со наставата.
Оваа учебна година основците и средношколците за прв пат имаа пролетен распуст кој траеше од 26-ти април до 6-ти мај. Поради тоа и крајот на учебната година се пролонгира до 17-ти јуни.
Со одлука на Владата учебната година почна на 1 септември а првото полугодие заврши на 29 декември 2023 година. Од 30 декември учениците користеа зимски одмор, а второто полугодие почна на 22 јануари.
Во периодот од 29 април до 5 мај 2024 година, учениците користеа и пролетен распуст.
Орце Костов