И покрај сомнежите, Ковачевски и Груби ќе го потпишат договорот со „Бехтел и Енка“

by fokus

И покрај сомнежите и информациите дека „забранета“ фирма ќе го врши надзорот на коридорите 8 и 10, во Владата денеска ќе биде потпишан договорот за коридорите 8 и 10 д помеѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“.

На настанот најавено е дека ќе се обратат премиерот Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и генералниот директор за нискоградба „Бехтел“, Марк Алисон.

Владата на вчерашната седница го одобри склучувањето на договорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д. Како што рече синоќа во телевизиско гостување Груби, се работи за изградба на автопатишта од 110 километри, што ќе чини 1,3 милијарди евра или два милиони евра по километар.

„Призма“ објави дека во дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10, се фирми во кои свој удел има и македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.

Во Македонија, фирмата каде Димитријевиќ е еден од сопствениците е „Евро консалтинг“, како и фирмата за која работел во Ерменија – шпанската „Ептиса“, се дел од конзорциумот што ќе треба да прави надзор на изградбата на автопатиштата кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Во однос на ова, се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека станува збор за „епски криминал од неколку милијарди евра“. Притоа, тој посочи дека Владата 24 ноември 2020 година, кога вицепремиер е Артан Груби, заменик министер за финансии е Димитар Ковачевски, а премиер е Зоран Заев, го донела следниов заклучок:

„Сите државни институции, општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од еден милион евра во денарска противредност да не ја ангажираат шпанската фирма „Ептиса“ од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“.

Ковачевски кажа дека сите што се сомневаат во компаниите кои вршат надзор на конзорциумот „БехтелЕнка“ за изградба на Коридорот 8 и 10 треба да ги достават своите докази до Јавното обвинителство. Според него, Владата нема пристап до евалуација и проценка на документацијата и интегритетот на компаниите кои го надгледуваат проектот вреден 22,6 милиони евра, предводен од италијанската компанија „ИРД Инженеринг“.

-Владата не врши евалуација ниту прибирање на документи по однос на компании, тоа го прави стручна комисија. Компанијата „ИРД“ ќе работи заедно со американски „Бехтел“, а доколку има лица или подизведувачи за кои постои сомнение за нивниот интегритет од страна на кого било во државата, тогаш тоа може да го пријави во Јавното обвинителство – рече Ковачевски.

Поврзани новости