Пред само една десетина дена, Грција излезе со информации дека граѓаните на возраст од 30 до 59 години слободно можат да закажат термин за вакцинација со четврта доза против ковид, иако не станува збор за задолжителна вакцинација.
Во Македонија подолг период тема на разговор е дали да се воведе четврта доза, со оглед на тоа што граѓаните многу ретко се вакцинираат против ковид, освен првиот наплив на пациенти на почетокот кога вакцините излегоа на пазарот.
Сепак, донесена е одлука дека граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и со четврта доза, а ваквите информации за „Фокус“ ги потврди актуелниот министер за здравство Беким Сали.
„Почнуваме и со четврта доза, само да има заинтереираност. Тоа е најтешкиот дел. Почнавме веќе со испраќање на пораки до граѓаните. Со оваа доза треба да се вакцинираат најпрво хронично болните пациенти. Еве, гледаме дека бројките повторно почнаа да се зголемуваат“, вели Сали во изјава за “Фокус“.
Тоа што досега е познато е дека Македонија ја доби и вакцината што ја произведува белгиската компанија „Јансен“, која е во сопственост на „Џонсон и Џонсон“.
Оваа вакцина е таканаречена векторска вакцина и по своите карактеристики е поблиска до „Астра Зенека“ и до руската „Спутник“, отколку до „Фајзер“. Некои од Македонците со оваа вакцина веќе се вакцинирале во Бугарија.
Испративме и неколку прашања до министерството за здравство за да ни дадат податоци колку се вкупно досега вакцинирании и дали со намалувањето на бројот на заразени, се намали и опфатот на вакцинација.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, заклучно со минатата недела досега вакцинирани се вкупно 874.877 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 855.879 лица, а со трета доза се вакцинирани 159.839 лицa.
Последователно со значителното опаѓање на бројот на заразени и хоспитализирани лица, се намалува и интересот за вакцинација, но сепак здравствениот систем е подготвен со доволни количини вакцини.
Потсетуваме дека вакцинацијата против ковид-19 е најдобра превентивна мерка за заштита на здравјето“, се наведува во одговорот од ресорното министерство.
Од страна на Комисијата за заразни болести се разработуваат сценарија доколку има нов бран на ковид-19 и се планираат мерки во три клучни области: засилување на кампања за имунизација, обезбедување доволно ресурси за тестирање и обезбедување болнички капацитети и лекови за пациентите со највисок ризик.
Досега во земјата се направени вкупно 2.082.690 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 314.211, бројот на оздравени пациенти е 303.989, на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 895.
Ирена Мулачка