Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, вечерва или најдоцна утре, ќе се спакува и ќе си замине од истражниот затвор “Скопје”, каде што ја чекаат одлуката на Апелација со која му се отвора ќелијата.
Денеска Апелација информираше дека на Мијалков му е прифатена гаранцијата од 11 милиони евра, со што притворот му се укинува.
Од Републичкото обвинителство за “Фокус” појаснуваат дека од Вишото обвинителство дале негативно мислење, односно не се согласиле на Мијалков да му се укине притворот. Сепак и покрај ваквото мислење, двајца апелациони судии гласале за излез на слобода на Мијалков.
Министерот за правда Бојан Маричиќ пак со име и презиме ги прозва судиите.
-Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука, напиша Мариќиќ на Фејсбук.
Како што дознава “Фокус”, третата судијка била против и таа напишала издвоено мислење.
Мијалков пред неколку месеци беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“. За случајот со нелегалното масовно прислушување „Таргет и Тврдина“, пак, поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.
В.В.