Ако лани за време на општинската манифестација ,,Тиквешки гроздобер” во Кавадарци, балканската музичка ѕвезда Цеца успеа да го наполни градот со посетители од сите краеви, годинава од општината најавуваат дека се во очекување на уште една успешна манифестација со многу гости, на која главна ѕвезда ќе биде Здравко Чолиќ.
Стопанско-туристичката и културна манифестација ,,Тиквешки гроздобер” ќе трае три дена, од 6-ти до 8-ми септември. Покрај концертот на Здравко Чолиќ, најавени се настапи и на голем број на други музичари, како Јелена Розга, Тони Зен, 2 Бона и други.
Отворањето на гроздоберот, манифестација во чест на виното и грозјето кои се заштитен знак на Кавадарци ќе се случи на пладне, на шести, на градскиот плоштад, со дегустација на вина. Во таканареченото, мало паркче ќе има вечер посветена на љубителите на староградската музика со Галакси бенд, Мањифико и Марјан Коцев, а пак на градскиот плоштад забава со Тони Зен и 2 Бона.
Втората вечер ќе се одржи концертот на Јелена Розга на сцената на градскиот плоштад, а најавени се и настапи на познати ди-џеи. Во склоп на настанот ќе се одржи трка на келнери, турнир во кошарка, изложба на фотографии, изложба на олдтајмери, таблијада и традиционалниот голем карневал.
Последниот ден од манифестацијата, на осми септември ќе се случува големиот карневал со почеток од 12 часот, додека пак вечерта настапува Здравко Чолиќ. Тој ќе одржи тричасовен концерт кој ќе започне во 22 часот, а истиот ќе заврши со спектакуларен огномет, со кој ќе се затвори годинашниот гроздобер.
Вики Клинчарова