И по три месеци на висока функција, јавноста не знае како изгледа сопругата на Ковачевски!

by fokus

Претседател на СДСМ од декември лани, премиер на Македонија од 16-ти јануари годинава, Димитар Ковачевски за цело изминато време на јавна функција успева да го држи своето семејство подалеку од очите на јавноста.
Единствениот познат податок околу неговата семејна состојба е тоа дека е сопруг и татко на две деца. Како изгледа неговото семејство, па дури и кои се нивните имиња, што е по професија неговата сопруга, на која возраст се неговите деца – народот се уште не знае.

Уште во декември минатата година, кога беше избран за претседател на владејачката СДСМ, ,,Фокус” стапи во контакт со него, со цел да и откриеме на јавноста кој е приватно човекот кој доаѓа на чело на државата.

Неговата професионална биографија, односно деталите за професионалната, политичка и академска кариера беа достапни за широките народни маси, и беа објавени на партиската и владина страница, како и во медиумите. Но, околу семејството, освен тоа дека е сопруг и татко на две деца, како и дека е син на Слободан Ковачевски, своевремено градоначалник на Куманово и македонски амбасадор на Црна Гора, други податоци нема.

-Се уште е рано, има време, во иднина јавноста ќе го запознае семејството на Ковачевски. Тој штотуку дојде на функција, семејството се прилагодува на промените – ни изјавија од неговиот ПР тим во декември, кога го побаравме со намера да ја претставиме неговата фамилија пред јавноста, со детали околу тоа каков е Ковачевски приватно, како го минува времето со семејството, кое е неговото хоби, дали има домашни миленици, но и со што се занимава неговата сопруга, дали евентуално има јавна професија.

И по три месеци на висока функција, одговори од наследникот на Зоран Заев не добивме. Како потсетување, самиот Заев уште во времето додека беше на чело СДСМ, дури и кога партијата беше во опозиција, не ја криеше приватноста, и неговото семејство секогаш беше достапно за медиумите, без разлика дали станува збор за приватни теми и настани, како и за актуелности од политичките случувања.
Се објавуваа фотографии од неговата сопруга Зорица, од децата, родителите… Летувања, празници, јавни настани, па дури и семејните прослави беа споделени со јавноста, со цел да се долови и личната страна на јавниот функционер, која во голема мера доста кажува за еден човек.

Слична практика имаат политичарите од речиси сите развиени земји, кога откривајќи детали од приватниот, семеен живот, на некој начин праќаат порака дека семејството е столб на општеството, а средениот приватен живот е еден вид на предуслов за домаќинско и посветено владеење. Често пати сопатничките на избраните политичари се вклучуваат во општествените случувања со разни активности, за да придонесат во развојот и подигањето на свеста за одредена тема.

Промовирањето на семејните вредности од страна на политичарите, но и откривањето во какво домашно опкружување живеат, каков е нивниот животен стил, е своевиден одраз на вредностите кон кои би се стремеле од позиција на власт.

Многу политичари неретко раскажуваат и за детали од нивото детство, младост, растење, за животниот пат низ кој минале стекнувајќи ги искуствата, чести се приказните за поддршката од брачната сопатничка, од децата, од начинот на кој го одгледуваат потомството… Се сретнуваат и приказни за домашни миленици, омилени спортови, а не се табу нити темите околу почетокот на љубовта со партнерката, односно партнерот, па и функционирањето во брак.

Сепак, дали поради желба семејството да се обиде да го држи подалеку од јавната лупа, со цел да си го сочува мирот и да го поштеди од неизоставните јавни критики, Ковачевски вешто успева во тоа. Ниту во медиуми, ниту пак на социјалните мрежи не може да се најде негова приватна семејна фотографија, барем засега.

Не успеавме ниту да добиеме одговор на прашањето што значи неговиот прекар Таче, за кој единствено е познато дека го носи и неговиот татко. Ако името кажува кој си, а прекарот каков си, во случајот со Ковачевски, нема одговор ниту за потеклото на прекарот.

Без оглед на ставовите на политичарите кои решиле приватното да го чуваат за себе, сепак за волја на вистината, личниот живот на политичарите има голема улога, посебно кога е гласачкото тело во прашање.

Уште пред да го даде својот глас, народот има право да знае и детали од приватноста на личноста на која и ја дава довербата, без оглед на политичките ставови на истата. Така на пример, голем дел од гласачите потенцираат дека за време на избори, предност имаат лица со среден семеен живот, држејќи се до ставот дека ако некој не може да си го среди личниот живот, тешко ќе може да ја средува државата.

Интересот за брачниот статус, односно партнер, дали политичарот е скромна личност или пак некој кој сака луксуз и познати брендови, дали е љубител на животни, дали е хетеросексуалец или пак дел од ЛГБТ, па дури и каков музички жанр сака, се често податоци на кои јавноста им придава голема важност, и според кои се гради јавната слика за еден јавен функционер.

Вики Клинчарова

Поврзани новости