Денеска во Брисел, Комитетtо за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ја усвои Резолуцијата на известувачот за Македонија, Иво Вајгл, за итен почеток на пристапните разговори за членство во ЕУ на Македонија.
Резолуцијата беше изгласана со 47 гласови „за“ и 10 „против“. Денеска членовите на комитетот ги изгласаа и шеснаесетте компромисни амандмани кои вчера ги поднесе Вајгл, како одговор на рекордните 296 амандмани поднесени на неговата Предлог-Резолуција.
Со Резолуцијата се потсетуваат земјите-членки на ЕУ да се вратат на предлогот за отворање на пристапните разговори со Македонија со назнака дека ова можело да влијае само позитивно на билатералните прашања. Во Резолуцијата за Македонија е наведено и дека не треба да се користат билатералните прашања како пречка за почеток на разговорите, но треба да се решат што порано, и во овој дел се потсетува дека една од страните во спорот за името не ја испочитувала до крај Пресудата од Меѓународниот суд на правдата од 2011 година.
Меѓу другите работи, во Резолуцијата е вметнат и параграф поврзан со новонастанатите случки поврзани со обвиненијата што меѓусебно си ги упатија премиерот на владата и лидерот на опозицијата. Европскиот парламент во тој дел на Резолуцијата пишува дека осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени и слободно да се забележи, да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристраснот и пресумпција на невиност.