И по девет дена карпата што падна на регионалниот пат Велес – Градско, се уште на истото место

by Fokus

Неколкутонската карпа која на 13 март падна во близина на мостот на реката Тополка, на регионалниот пат Велес – Градско, се уште стои на истото место.

Карпата паднала од таканаречената Цуцка на патот кој што е доста фреквентен, бидејќи во нејзина близина се наоѓаат домовите на голем број на граѓани, кои засега мораат да патуваат во Велес по автопатот.

Огромни парчиња од неа се распослани врз патот, но и врз железничката пруга, каде набргу по одронот беше избегната трагедија, кога машина за одржување на колосекот ,,Македонски железници Инфраструктура’’ удри во одронатите карпи. Несреќата помина само со материјална штета.

Дознаваме дека ЈП Македонија пат чекала Агенцијата за патишта да ангажира специјализирана фирма за секундарно минирање, со што би се раздробиле карпите, но нема точна информација кога тоа би се случило. Нема официјална информација ниту колку време ќе биде потребно додека се воспостави целосна безбедност на ризичниот пат.

,,Фокус’’ преку СМС го контактираше Аце Коцевски, градоначалникот на Велес, со цел да дознаеме кога ќе започне расчистувањето на патот, но до објавата на веста не добивме повратна информација.

Фото: ДУМА

В.К.

Поврзани новости