И по 20 дена не се знае како изгореа 14 пациенти во Тетово иако Заев најавуваше исход за една недела

by fokus

И по повеќе од 20 дена од пожарот што избувна во модуларната болница во Тетово во којшто изгореа 14 пациенти, се уште не се утврдени причините за избувнувањето на пожарот и за тоа како за неколку минути изгореа 14 пациенти кои се лекуваа таму од корона.

Иако премиерот Зоран Заев во првото соопштение што го даде по трагедијата напиша дека очекува за една недела да има напредок во истрагата за да може да донесе одлука дали ќе ги прифати оставките на Министерот за здравство, Венко Филипче, неговиот заменик и директорите на тетовската болница, сепак нема ниту напредок во истрагата, ниту одлуки за оставките.

-Во однос на постапувањето на обвинителите за утврдување на причините за настанатиот пожар во Модуларната болница во Тетово , Ве известуваме дека во тек е интензивно преземање на дејствија за прибирање на материјални и вербални докази. Се сослушуваат лица кои можат да дадат потребни податоци за настанот. Обвинителството ги очекува и извештаите од побараните вештачења од надлежните институции, велат од Обвинителството за „Фокус“ и најверојатно мислат на вештачењата од германските експерти и вештачењата од Градежниот факултет.

Во меѓувреме, обвинителството определило уште четворица обвинители од гостиварското и скопското Вишо јавно обвинителство кои ќе треба да им помогнат на петмината обвинители кои сега работат на истрагата.
Паралелна постапка за модуларните болници води и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде се разгледува и анализира документацијата за да се види дали имало некакви пропусти.

-Постапката е во тек и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде се прибраната документација за набавка на модуларните болници се разгледува и анализира по што ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, велат од Обвинителство.

Со оглед на тоа што нема никакви првични резултати од истрагата, нема одлука ниту за оставките иако на 11 септември, три дена по пожарот, Заев најави дека одлуки ќе донесе за една недела.

-Најавувам дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопштам ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата, на прес-конференција на која ќе одговарам на сите прашања од медиумите. Во меѓувреме, Владата, министерствата и сите надлежни институции остануваат отворени и достапни за сите ваши прашања, соопшти Заев на 11 септември.

Трагедијата се случи на 8 септември, а освен многубројните сомнежи нема официјални информации дали има виновник што за неколу минути изгоре болницата и пациентите, ниту дали набавката била регуларна, а ниту морална одговорност од здравствените власти.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости