И оваа Влада не се откажува од Чебрен: „Ќе гледаме државата да биде доминантен сопственик“, најави Божиновска

by Fokus

Ниту оваа Влада предодена од ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од изградбата на деценискиот проект, хидроцентралата Чебрен на Црна Река во Мариово, сега ќе се разгледува опцијата државата да биде доминантен сопственик на истата.

Министерката за енергетика Сања Божиновска рече дека за овој проект на маса се седнати сите еминентни професори од различни области. Нова студија нема да се прави, ќе се искористат постојните, а планот е државата да биде доминантен сопственик.

– Во ЕСМ постојат студии од 1960 година кои веќе ги разгледуваме, а последната е од 2022 година. Професорите ги разгледаа сите студии. Ние не сакаме пак да правиме физибилити студија, која може да ни одземе една година, или година и пол. Сакаме да направиме еден проект, за да видиме што може да се направи затоа што хидрологијата е подложна на климатските промени – рече Божиновска на брифингот со новинарите.

Таа посочи дека има заинтересирани странски инвеститори и дека веќе со нив се разговара.

– Ние сакаме тоа да биде државен проект, меѓутоа ќе видиме колку пари е тоа. Тоа се сериозни средства, но секако, ќе гледаме државата да биде доминантен сопственик. Треба да видиме колку ќе изнесува целиот проект и ќе направиме планови како понатаму да се финансира. Сигурно ќе биде над 600 милиони евра, или 700 милиони, а може да достигне и до една милијарда евра. За Македонија тоа се многу пари, но ако се земе предвид дека треба да бидеме енергетски независни, треба да инвестираме во тоа. Особено, ако се земе предвид дека во последните три години сме дале 340 милиони евра за увоз на струја, истакна министерката.

Орце Костов

Поврзани новости