Владата соопшти дека по вчерашната средба со градоначалникот Максим Димитриевски кој е позитивен на ковид-19, во самоизолација одат техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми. Дома ќе се изолира и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев кој присуствувал на состанокот.
„На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема. Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација. Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување“,- соопшти владината прес служба.
Оттаму велат и во услови на изолација, комуникацијата со владините членови ќе продолжи непречено, преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци.