И обвинителот Стевче Донев си го наследи случајот „Триста“

by fokus

На утрешното закажано рочиште за случајот „Триста“ во судница повторно ќе треба да се појави обвинителот од СЈО, Стевче Донев, бидејќи републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески го овластил и понатаму да го застапува предметот.

Иако предметите од СЈО и официјално ги презеде редовното обвинителство, сепак и понатаму по нив постапуваат истите обвинители. Па така, на вчерашното рочиште за „Монструм“ се појавија обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, а денеска Ленче Ристоска го извести судот дека таа и понатаму е овластена за случајот „Талир 2“.

Како што дознава „Фокус“, најверојатно и обвинителката Лиле Стефанова ќе остане надлежна за случајот „Титаник“.

Во случајот „Триста“ обвинет е Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР. Според првостепената пресуда, која беше укината од Апелација, во МВР бил спроведен тендер за набавка на 300 возила, кој бил поделен во лотови, па наместо тендерот да го добијат прворангираните економски најповолни компании, тендерскиот колач бил распределен произволно, по нечија желба. Па така се случило трето и четврторангираниот да добијат повеќе возила од прворангираниот.

За оваа набавка МВР потрошило 318 милиони денари, а направената штета е од 27 милиони денари. Поповски беше осуден на девет години затвор.

В.В.

Поврзани новости