И обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, добил покана во текот на утрешниот ден да се појави во просториите на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и да сведочи за случајот „Рекет“, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
Вчера во обвинителството сведочеше обвинителката Лиле Стефанова, а во понеделникот свој исказ даде и обвинителката Елизабета Јосифовска.
Рустеми е обвинителот кој ја води истрагата за случајот „Поштенска банка“, а обвинителката Стефанова за случајот „Империја“.
-На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, нѝ беше наложено, најдоцна до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, рече неодамна обвинителката Стефанова.
Покана сѐ уште нема добиено обвинителката Катица Јанева. Во истрагата за „Рекет“ засега осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски- Кичеец, кои се осомничени дека земале 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој наводно сакал да се спаси од кривичниот прогон за случајот „Империја“.
Валентина Вурмо