Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го најави рускиот „црн список “, што ќе биде одговор на санкциите на САД и ЕУ кон нејзината земја за случајот Навални.
Тасс јави дека за време на нејзиното гостување во главната политичка емисија на Канал 1 на државната телевизија „Времето ќе покаже“, Захарова најави дека Русија наскоро ќе одговори на американските санкции и дека се подготвува соодветен „црн список“.
-Во согласност со начинот на однесување на Американците и како одеднаш ги објавија сите свои списоци, мислам дека наскоро и ние ќе ги развеселиме, изјави Захарова во емисијата, пренесе Тасс.
Претходно, и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека последните санкции на САД и на Европската унија против руските официјални лица и организации поради случајот Навални се интервенции во руските внатрешни работи и се неприфатливи.