И Неготино имаше свој Моранди мост на Тимјаничка река

by Fokus

Додека светот е во шок од трагедијата во Џенова, Италија, каде во вторникот се сруши мостот Моранди, при што загинаа и се повредени десетици луѓе, се почесто се поставува прашањето колку се безбедни нашите мостови.

Во Македонија повеќето мостови се стари, па често се врши нивна санација, односно реконструкција. Трагедија со човечки жртви при уривање на мост, како што е случајот во Италија не се случила, но затоа пак неготинчани се сеќаваат на мостот на Тимјаничка река кој што речиси се урна уште пред да биде пуштен во употреба пред околу шест години.
Станува збор за мост на Тимјаничка река кој ги спојува улиците Антон Пеган и Владо Арсов Шпанац, и беше изграден со цел да се овозможи полесен проток на луѓе и возила во тој дел на градот, а воедно да се растерети и сообраќајот во центарот на Неготино. За изградбата на мостот и за асфалтирање на 100 метри од улицата пред и по него тогаш од Општина Неготино се пофалија дека одвоиле 10 милиони денари од буџетот. Но, уште пред да биде комплетно завршен и пуштен во употреба, пропаднале потпирачите на истиот. За среќа, никој не беше повреден при настанот, а мостот беше саниран и пуштен во употреба кон крајот на 2012 година.

Токму поради тоа што случката помина само со материјална штета, без човечки жртви, и што стануваше збор за мост кој се уште не беше пуштен за користење, не го привлече вниманието на јавноста.

-Настанот се случи некаде во 2011 година. Мостот не се сруши, но попуштија неговите потпирачи, во моментот кога се ставаше бетон. Знам дека имаше двајца работници на самото место за време на настанот, но тие поминаа без повреди. Под мостот се наоѓаше колектор, и се работеше врз неговите стари потпирачи, кои под тежината на бетонот попуштија. Потоа, се најде друг начин за да се среди проблемот и мостот се пушти во употреба кон крајот на 2012 година – ни раскажа Сашо Николов, кој тогаш беше претседател на Советот на Општина Неготино.

Неофицијално, вработени во локалната самоуправа тогаш коментираа дека Никола Груевски, кој во тоа време беше премиер, бил затекнат од веста дека потпирачите на мостот попуштиле, па им кажал на надлежните во општината дека освен за мостот на реката Неретва, не слушнал дека некогаш се срушил друг мост на просторот на поранешна Југославија. Во тој период градоначалник на Неготино беше Пане Трајков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости