Поранешниот претседател на САД Барак Обама и поранешната претседателка на Претставничкиот дом на Конгресот Ненси Пелоси приватно зборуваа за претседателот Џо Бајден и за иднината на неговата кампања.
И двајцата ја изразија својата загриженост бидејќи сметаат дека на сегашниот претседател му станало се потешко да го победи Доналд Трамп.
Демократите се очајни да стават крај на изнемоштените внатрешни борби за да можат да се фокусираат на спречување на победата на поранешниот претседател Доналд Трамп. И тие бараат или од Обама или од Пелоси да им помогнат да го остварат тоа.
Си-Ен-Ен разговараше со десетина конгресмени, оперативци и повеќе луѓе во контакт со Обама и Пелоси, од кои многумина велат дека кандидатурата на Бајден е завршена и во овој момент прашање е само како ќе се одвива, дури и по синоќрешната прес-конференција.
Неколку водечки демократи велат дека ако двајцата (Обама и Пелоси) мислат поинаку, тогаш треба јасно да кажат сега, пред да се направи поголема штета на помалку од четири месеци пред изборите. Многумина се надеваат дека Пелоси може да стави крај на превирањата што ги зафатија демократите во последните две недели. Можеби ќе дојде крајот, веруваат некои, ако и кога Пелоси му каже на Бајден дека мора да се повлече.
Пелоси разговараше со Бајден по телевизиската дебата, но во меѓувреме јасно стави до знаење дека не ја смета за конечна одлуката на Бајден да остане во финалето на трката. Таа одби да коментира дополнително.
Скептицизмот на Обама за шансите на Бајден за реизбор е „една од најлошо чуваните тајни во Вашингтон“, наведува Си-Ен-Ен.
Одлуката на Обама да не дава никакви коментари две недели остави многу водечки демократи да се чувствуваат како да ги оставил на цедило држејќи се до истиот став што во голема мера го дефинираше неговиот постпретседателски период.
По дебатата, тој објави на Х:„Се случуваат лоши дебатни ноќи. Верувајте ми, го знам тоа“.
Истото го повтори и на собирот на демократите во Њујорк, вечерта по настапот на Бајден. Поранешниот претседател не ни планираше да даде никаква јавна изјава, но соработниците на Бајден и Обама се координираа за да пренесат впечаток дека и првата дебата на Обама за време на изборната трка во 2012 година помина лошо, а сепак не се откажа.