И мала искра би можела да предизвика голем пламен во БиХ

Интервју со Вилдана СЕЛИМБЕГОВИЌ, главен уредник на „Ослобоѓење“ од Сараево

by Fokus

Долгогодишната главна уредничка на најпознатиот сараевски весник, за македонските читатели ги објасни сите предизвици со кои се соочува Босна и Херцеговина од војната во 1992 година, па сѐ до денес. Во разговор за „Фокус“, таа зборува за односот на големите сили кон Балканот, но и за очајната политичка и економска состојба внатре во Босна и Херцеговина

Разговараше : Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Повеќе од десет години сте на чело на редакцијата на најпознатиот сараевски дневен весник. Што претставува „Ослобоѓење“ и зошто е толку значаен и популарен во БиХ?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: „Ослобоѓење“ во време на војната имаше многу големо значење од две причини. Не само што издаваше весници секој ден за време на опсадата долга 1.405 дена, туку и тоа го правеше на првата линија на фронтот.

Познато е дека кулата на „Ослобоѓење“ беше константно гранатирана и бомбардирана, за конечно да биде срушена во 1993 година. Таа зграда навистина беше само десетина метри оддалечена од првата линија на фронтот и таму за цело време на војната работеше и печатницата и редакцијата.

ФОКУС: Како беше да се работи во воени услови?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Јас тогаш, исто како и денес, бев новинар, но не во „Ослобоѓење“, туку во „Сарајевске вечерње новости“ и нашата редакција се наоѓаше во Градот и ни беше условно речено полесно.

Во „ Ослобоѓење“ се работеше во смени, кои траеја по три, пет или седум дена непрекинато, само за да се отпечати весникот кој требаше да дојде до читателите.

Мислам дека за опсадата на Сараево е бескрајно важно да се каже дека нашите колеги новинари, не само од „Ослобоѓење“, туку и од сите весници кои излегуваа тие денови, придонесоа на опсадата да и се пркоси со знаење. Од друга страна, глумците кои редовно одржуваа претстави во Сараево, тие денови ја додадоа и културата.

НА ОПСАДАТА НА САРАЕВО ПРКОСЕВМЕ СО ЗНАЕЊЕ

 ФОКУС: Колку беше важно во тие времиња да се мотивираат граѓаните, но и самите себе?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Како што реков, на опсадата на Сараево и пркосевме со знаење и со  култура. И мислам дека тој отпор, заедно со ангажманот на единиците на Армијата на БиХ придонесе сите стравотии на војната да се издржат и да се  преживеат, бидејќи им дававме надеж на луѓето дека еден ден ќе биде многу подобро.

ФОКУС: Како е можно по сите поминати стравотии за кои зборувате, некој денеска повторно да заговара војна во БиХ? Што се случува овие денови во вашата држава?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Пред месец и пол во Вашингтон почина уредникот на „Ослобоѓење“, Кемал Курспахиќ, наш колега кој беше на чело на таа воена редакција и благодарение на кого овој весник издржа и ги доби сите оние воени награди кои редакцијата ги освои во периодот 1992-1995 година.

ФОКУС: Колку ве растажи оваа вест и ве потсети на некои други времиња, за кои сигурно мислевте дека се веќе минато?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: И симболично кога во Сараево стигна таа тажна вест, ние веќе бевме во нова фаза на соочување со тие пресериозни закани од нова војна. Наједноставно речено, лидерот на СНСД, кој е член на Државното претседателство ( Милорад Додик н.з.) не го признава Државното претседателство, ниту државата Босна и Херцеговина.

Господин Додик постојано се заканува со отцепување на еден ентитет, кој се вика Република Српска и припојување на тој дел кон Србија и со тоа ги подига тензиите и ја вжештува политичката атмосфера.

ФОКУС: Како на ова реагираат претставниците на другите ентитети?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Неговиот политички сојузник кој се декларира како претставник на сите Хрвати во Босна и Херцеговина, лидерот на ХДЗ Драган Човиќ не е подготвен да прифати во БиХ да се применат пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Тоа се пресуди кои зборуваат за нелогичностите настанати во Дејтонскиот мировен договор, кој подоцна е прифатен и како наш Устав. Пример, Србите кои живеат во Федерацијата не можат да бидат кандидати за Државното претседателство, а господин Човиќ сака и Хрватите да ги предлага не цела федерација, туку веројатно некој кој ќе го избере неговата партија.

Тоа е ситуација која ја користи и СДА, најголемата национална партија на Бошњаците, бидејќи кога на таков начин ги подигате тензиите, стравот го прави своето и луѓето се вртат спрема своите национални елити.

ФОКУС: Во БиХ има и големо влијание од странски држави. Дали постои наивно мнозинство на граѓани, кое повторно би паднало под влијание на странските фактори и со тоа би предизвикале нова војна?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Јас искрено се надевам дека не постои. Важно е да се спомене дека сега соодносот на силите на Балканот, сепак, е малку поразличен. Во водечките западни медиуми веќе со месеци силно е застапена нашата тема и таму има сериозни гласови на предупредување дека на Балканот му се заканува нова војна.

СВЕТОТ НЕ МОЖЕ ДА НАЈДЕ АЛИБИ ЗА НОВА ВОЈНА

ФОКУС: Гледате ли некакви сличности на она што се случуваше во деведесеттите и сега?

 СЕЛИМБЕГОВИЌ: Кога ние во деведесеттите дојдовме во ситуација војската на Република Српска и остатоците од поранешна ЈНА да се срушат на БиХ, се уште се разговараше околу  дали тоа  претставува војна и колку ќе трае.

Денеска никој веќе ниту во Лондон, ниту во Брисел, ниту во Вашингтон, не може да каже дека не знае што се случува. Така што, светот овој пат и ако бара алиби, не може да го најде.

ФОКУС: Како гледате на односот на соседните држави на она што се случува во БиХ?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Официјален Загреб и претседателот Зоран Милановиќ му даваат целосна поддршка на ХДЗ- БиХ, Александар Вучиќ, исто така, го подржува Милорад Додик,  но српскиот претседател често повторува и дека го подржува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ и ја исклучува можноста во било која опција да учествува во воени походи на Босна и Херцеговина.

Тоа во неколку наврати го повторија не само претставниците на западните демократии, кои во последно време почесто доаѓаат во Б и Х, туку и високиот претставник Кристијан Шмит. Интересно  е што, иако господин Додик, воопшто не го признава неговото постоење, Вучиќ го прима Шмит со најголеми државни почести.

ФОКУС: Сепак, случувањата во Нагорно Карабах и особено Авганистан, се некоја основа за која се фаќаат и нашите локални националисти . Колку е можно такво сценарио во БиХ?

            СЕЛИМБЕГОВИЌ: Хрватска и понатаму ќе го поддржува ХДЗ, но само реторички. Што и тие да кажат како членки на ЕУ и НАТО, многу добро знаат дека пресудите на Европскиот суд за човекови права се нешто што е неопходно да се спроведат во држава која еден ден би сакала да биде членка на Европската унија. Значи не е реално да се очекува Хрватска да оди против вредностите кои и самата ги застапува во рамките на ЕУ.

ФОКУС: Колку му верувате на Вучиќ во она што го говори?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Вучиќ како што споменав секојдневно повторува дека не би војувал. Сепак, ни едното ни другото не ја исклучува можноста овде да дојде до војна. Плукањето, подигањето на политичките тензии, константниот очај, јад и беда во кој живеат сите конститутивни народи на Босна и Херцеговина и барањето карта повеќе за бегање од земјата… сето  тоа се  факти кои се загрижувачки и кои сериозно предупредуваат дека една мала искра би можела да направи голем пламен.

 ЛОЈАЛНИ СМЕ НА КРИТИЧКОТО НОВИНАРСТВО

ФОКУС: Сараево е веројатно последниот центар од поранешна Југославија кој успеа да одржи квалитетни печатени  медиуми, како „Дневни Аваз“ и „Ослобоѓење“. Како ви успеа тоа?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Ако во најтешките моменти во војната имавме сила да бидеме новинари, срамота е денеска да немаме сила да си ја работиме нашата работа. Во прашање е нашата лојалност на тоа критично новинарство. Се уште преку медиумите откриваме многу афери, кражби, криминал. Мислам дека тоа ни дава сила да се сочува образот на професијата и да се бориме понатаму.

ФОКУС: „Ослобоѓење“ е и првиот медиум во регионот, кој направи интегрирана редакција, не само со веб порталите, туку и со вашата О телевизија и нејзината продукциска активност. Како дојде до оваа идеа?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Ние одамна ги детектиравме се поголемите проблеми во принт изданијата. Размислувавме дека создавање на една медиумска групација е добар начин да се зачува квалитетот и актуелноста. Тоа беше и причината што  аплициравме во УСАИД за еден регионален проект и тука добивме голема поддршка за создавање на интегрирана редакција.

Од Виена на исток, таква редакција не постои. Затоа ни требаше помош од страна и тука ги користевме скандинавските искуства, кои навистина се способни таа интегрирана редакција да ја доведат до совршенство.

ФОКУС: Колку сте задоволни од сработеното?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Се уште ги склопуваме коцките, но веќе можам да кажам дека успеавме. Ние веќе работиме сите заедно и имам чувство дека секој нареден ден, се повеќе напредуваме.

И мислам дека тоа наше интегрирање беше причина и што ја преживеавме пандемијата. Бидејќи, пандемија во сиромашна земја како Босна е уште пострашна и предизвикува уште поголема немаштија.

 САРАЕВО СЕ ОБИДУВА ДА ОСТАНЕ ОТВОРЕН МУЛТИЕТНИЧКИ ГРАД

ФОКУС: Од Сараево по војната се иселија преку 100.000 Срби. Каков е животот во Сараево денеска 25 години подоцна?

СЕЛИМБЕГОВИЌ: Вистина е дека доста Срби се иселија од Сараево, како што се иселија и доста Хрвати. Пописот тоа го покажува. Но, вистина е и дека Сараево и понатаму се обидува да остане еден мултиетнички град и да ги отвори вратите на сите оние кои размислуваат и малку поинаку.

Сепак, не може ова Сараево да биде она истото од 1984 година,  затоа што ни светот не е ист, како оној во 1984. За оној тип на креативност по која што беше препознатливо Сараево, со сите тие музички групи и културни настани, сепак, треба многу повеќе демократија и слободно размислување. Без тоа не може да се надеваме на ништо.

 КОГА ПОВТОРНО БИ ИЗБИРАЛА, ПАК, БИ БИЛА НОВИНАР

 ФОКУС: Дали и после се  на младите им ја препорачувате професијата новинарство?

СЕЛИМБЕГОВИЌ:  Јас искрено не би се менувале и кога повторно би можела да изберам. Нормално дека има многу полесни и подобро платени професии, или пак, професии со нормално работно време, но нашата професија е динамична и интересна.

Со дневното новинарство, буквално секој ден кога ќе одите дома, имате можност да сте задоволни од една добро завршена работа, која не е само за вас, туку и за сите луѓе кои ви значат. Така што, тоа е едно задоволство со кое тешко  може да се споредува било која друга професија.

 

 

Поврзани новости