И Ковачевски ќе ги праќа пензионерите на бања

by fokus

Новата влада на идниот премиер Димитар Ковачевски ќе го продолжи проектот „Бањско-климатска рекреација“ за пензионери што во 2010 година го започна тогашниот премиер Никола Груевски. Ќе се разгледуваат и опциите за зголемување на опфатот.

Според владината предлог-програма,  ќе се разгледаат можностите за проширување на опфатот на лица-корисници на државна социјална пензија, како и за програмата за бањско-климатска рекреација.

Владата ќе продолжи со активностите за изградба на центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица.

СДСМ со доаѓањето на власт по падот на Груевски го продолжи проектот и секоја година околу 5.000 пензионери ја користеа оваа мерка. Поради пандемијата, проектот беше стопиран во 2020 и 2021 година.

Услугата бањско-климатска рекреација може да се користи еднаш во период од март до ноември, во траење од 7 дена, и опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата.

К.С.Б.

Поврзани новости