Општина Желино денеска го добила писмото од Министерството за одбрана со барање за поставување споменик за десетмината убиени бранители кај Карпалак. Градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу вели дека писмото е на погрешна адреса бидејќи општината не била надлежна за да одлучува за такво нешто.
„И јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да се урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено за тоа директно е надлежен ЈП за државни патишта“, изјави градоначалникот Сејдиу за ТВ Сител.
На одбележување на масакрот кај Карпалак пред два дена бранителите беа револтирани што по повеќе од две децении од масакрот, надлежните сѐ уште не преземаат мерки да им се оддаде почит на загинатитe на достојно спомен обележје.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска прии одбеележување на годишнината од загинувањето на десетемина припадници на АРМ од резервниот состов изјави дека загинатите бранители заслужуваат споменик кај месноста Карпалак.
„Јас, како Министерка за одбрана лично сметам дека заслужуваа достоен споменик со кој што нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе им оддаваме почит на загинатите.Денеска во текот на денот до Општина Желино која е надлежна општина ќе испратам писмо, исто како што направив и за загинатите кај Вејце, со барање на ова место да се изгради достоен споменик, а се разбира Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира“, рече во вторникот Петровска.