Денешната амнестија на обвинетите ,,Организатори на 27 април”, индиректно значи крај и ослободување од овој случај и за екс премиерот Никола Груевски. За него постапката беше запрена се до негово пронаоѓање и враќање во државата, но ако амнестијата важи за обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељановски, Спиро Ристески и Владимир Атанасовски, тогаш ќе важи и за него.
Ова значи дека пред бегалецот Груевски е исправена само една реална пречка за враќање во Македонија, односно 9-годишната казна за случајот ,,Плацеви на Водно”. Таа е правосилна, а доби и потврда од Врховниот суд, што значи дека единствен спас му е амнестија од претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова.
Пред неколку месеци се спаси и од двегодишната казна за ,,Тенк”, бидејќи му застари извршувањето на казната.
Инаку, судијата Илија Трпков досега во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинетите за организирање на упадот во Собранието, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе. Последниот пат ситуацијата се смени бидејќи и обвинителството даде позитивно мислење.
-Во досегашната постапка, ниту Јавното обвинителство ниту Основниот кривичен суд Скопје во дадените мислења и пресуди не се имаат произнесено експлицитно во поглед на важењето на Законот за амнестија за конкретните обвинети. Ова впрочем произлегува и од пресудата на Апелацискиот суд Скопје кој го врати предметот на повторно одлучување токму со прецизни задолженија за произнесување во поглед на ова правно прашање.
Ова е првпат за прашањето да се одлучува на стручен колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав, ни одговорија неодамна од Обвинителството.
Надлежна за предметот е обвинителката Искра Хаџи-Василева, но сепак оваа одлука таа не ја донела самостојно, туку како што потенцираат од Обвинителството, мислењето било донесено на стручен колегиум.
Судијата ја образложи својата одлука.
„Јавното обвинителство како подносител на обвинението, по укинувањето на решението од овој суд, имаше неколку неодредени произнесување до амнестијата, се додека на минатото рочиште не даде јасен предлог дека Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски треба да се амнестираат, бидејќи за нив важел законот. Лично и како совет, се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат. Но во Законот за амнестија во одредбите, има сврзник според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече судијата Илија Трпков.
Валентина Вурмо