Покрај градоначалниците на ВМРО- ДПМНЕ кои денеска дадоа отчет за сработеното, истото го направи и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој истакна дека неговите проектибројат 130 само за една година од неговиот втор мандат во Куманово.
Тој потсети дека во претходниот негов четригодишен мандат се реализирале над 400 проекти за граѓаните и целосно биле вратени долговите на Општина Куманово. Помеѓу проектите кои се реализирани во првата година од вториот мандат тој ги издвои два нови кружни текови, асфалтирани улици во површина од околу 50.000 м2, 20.000 м2 поставен бекатон, 8.000 метри атмосферска и фекална канализација, 80.000 м2 тампонирање на улици и патишта во текот на изминатата година.
-Реконструирани се 3 средни училишта, извршена е реконструкција во 5 основни училишта, изградени се 5 нови модерни мултиспорт игралишта со тартан подлога, во тек е реконструкција на Спортската сала, завршена е реконструкција на патеки во Градскиот парк, набавени се 12 нови возила и механизација за јавните претпријатија во Куманово во вредност од 1.000.000 евра, истакна Димитриевски.
Покрај сите наведени проекти во делот на инфраструктурата, образованието и спортот, тој посочи дека активно се води сметка и за животната средина, се чисти речното корито и дивите депонии, поставени се мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации, 40 нови полуподземни контејнери во централното подрачје, 1.000 нови контејнери во приградските населби и селата, како и над 1.300 засадени садници.